Македонија
Наумовски со очекување за унгарска помош во спорот со името
Македонија очекува одредени чекори од унгарското претседателство со Европската унија, со цел напредок во спорот со името со Грција, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања на која унгарскиот амбасадор Ференц Кекеши, ги претстави приоритетите на претседателството на неговата земја со ЕУ.Вицепремиерот Наумовски нагласи дека интеграцијата на Македонија во Европската унија е во интерес на самата унија, но и на Грција. „Се надеваме дека унгарското претседателство ќе преземе одредени чекори во насока на правење определен напредок во решавањето на овој долгогодишен спор и определени активности со кои ќе и претстават на Република Грција дека членството на Република Македонија во Европската унија не е во интерес само на Македонија, туку и на самата Унија и на Грција“, рече Наумовски.Унгарскиот министер Кекеши, претставувајќи ги приоритетите на неговата земја во тековното шестмесечно претседателство со Унијата вети поддршка за интеграција на западен Балкан во Унијата, но и побара исполнување на клучните критериуми. „Треба да се направи чекор напред во регионот и неговата интеграција. Земјите во регионот треба да се фокусираат и да работат согласно европските практики и да се направат вистински промени на теренот. Она што може да биде местото на оваа земја во агендата на унгарското претседателство, односно да се обезбеди место на целиот западен Балкан во Европската унија, бара политичка сила. Проширувањето кон Европската унија не е популарно во сите земји членки, но регионот може да смета на нашата поддршка. Ова се главните пораки. Унгарија ги поддржува напорите на владата на Република Македонија да се приклучи на Европската унија во согласност со последните заклучоци на Европскиот Совет. Во тој случај, Унгарија е подготвена да помага во преговорите и активно да се вклучи ако е побарано тоа. Исто така, ние ги поддржуваме преговорите под покровителство на Обединетите нации“, изјави Кекеши.Евроамбасадор Ерван Фуере, од своја страна, нагласи дека претстојниот попис е предизвик за земјата во текот на претстојната година. Посочи дека треба да се обрне внимание на квалитетот на законите што се носат, додека веќе донесените треба во целост да се применуваат. Побара вклучување на сите чинители во општеството во дебатата за клучните прашања за земјата. Особено ја нагласи потребата за одржување на постојан политички дијалог.„Не може да има замена за политичкиот дијалог. Важноста на овој дијалот како најдобра гаранција за успех и формирање на клима на консензус којшто ќе ја носи оваа земја напред во постигнувањето на своите цели во евроинтеграциите. Овој дијалог мора да се осврне на сите предизвици со коишто се соочува земјата: прашањето за името, евроинтегратитивниот процес, реформите. Сево ова е нешто за кое сите граѓани имаат интерес и наша задача е на сите политички партии да им дадеме можност да зборуваат меѓусебе отворено за овие прашања и така да креираат клима на доверба, чии што заштитник е овој парламент“, изјави Фуере.Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Радмила Шеќеринска побара повеќе дискусија меѓу политичките чинители за приоритетите на земјата. Смета дека оптимизмот во однос на ЕУ опаѓа и поради тоа смета дека е потребен пресврт во надминувањето на клучниот проблем со Грција за името. „Се виде дека во изминатите две години, клучот на овој проблем ниту е во Брисел, ниту е во Будимпешта во дадениот случај. Клучот за решавање на ова прашање се наоѓа во триаголникот Скопје – Атина – Њујорк. За жал, овој триаголник за нашиот европски брод се покажа како Бермудски. Се изгуби. Сметам дека навистина е клучно време да направиме пресврт, којшто, пред се, ќе биде во интерес на Република Македонија. Убедена сум дека таквиот пресврт е невозможен ако ние молчиме на овие теми и убедена сум дека ваквиот пресврт е невозможен ако не сфатиме дека Република Македонија има навистина стратешки интерес да биде страната којашто ќе бара активно решение и страната која ќе притиска за решение, дури и ако интересот на другата страна не е изразен“, рече Шеќеринска. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Петар Поп-Арсов, пак, побара евроинтеграциите да не се користат во дневно-политичките пресметки.„Република Македонија има интерес да се реши ова прашање. Република Македонија има интерес да стане дел од Европската унија. Веќе сите оние политички пораки кои што ги добиваме од Брисел се фокусирани токму на ова прашање – значи решете го прашањето за името, продолжувате понатаму. Сметам дека секоја дополнителна политичка конфронтација поврзана со нашиот евроинтегративен процес е непотребна. Јасна е порака од Брисел и сите конфронтации што ги правиме на тема евроинтеграции овде меѓу нас мислам дека се непотребни“, рече Поп-Арсов.Теута Арифи, претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, ја повтори идејата презентирана од нејзината партија ДУИ за меѓународно олеснување од страна на ЕУ и САД во изградбата на внатрешен консензус за прашањето името меѓу политичките чинители. „Тоа не треба да биде потценување, не дека ние не можеме, туку од причина што ние имаме потреба од ова присуство. Присуство кое во минатото покажа дека во моментите кога нам ни недостигаат нашите капацитети, мала помош од нашите пријатели мислам дека е повеќе од потребна“, рече Арифи. Проширувањето, заедно со економскиот развој, јакнењето на заедничките политики и приближувањето на ЕУ кон граѓаните, е еден од четирите приоритети на земјата за време на шестмесечното претседателство. Унгарија од 1-ви јануари го презеде претседателството со Европската Унија од Белгија. Во втората половина од 2011-та оваа задача ќе и припадне на Полска. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска: Со вакво темпо, за родова еднаквост ќе ни требаат уште 57 години, жените во енергетиката ни се потребни денес за посилен и поиновативен сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на настан организиран во рамки на проектот ELeVATE (2025–2028), посветен на охрабрување и поддршка на девојки и жени за развој на кариера во секторите на нето-нула технологии, паметни енергетски системи и зелена транзиција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока трансформација на работната сила, во која жените мора да имаат еднаква и видлива улога.
„Жените во енергетиката сè уште се недоволно застапени. Тоа не значи дека недостасуваат знаење и амбиција, туку дека постои неискористен потенцијал кој државата и општеството не смеат да го игнорираат. Индексот за родова еднаквост во 2022 година изнесувал 64,5 поени од можни 100, што претставува зголемување од само 2,5 поени од 2019 година. Со вакво темпо, би биле потребни приближно 57 години за да се постигне родова еднаквост во сите области. Ова ја нагласува итноста: не можеме да чекаме со децении за да создадеме еднакви можности. Повеќе жени во секторот е бенефит за сите. Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) дојде до податоци дека организациите со повеќе жени на лидерските позиции во енергетиката покажуваат 20 проценти повисоки перформанси и иновации. Светскиот Економски Форум објави дека тимовите кои вклучуваат различни полови се попрофитабилни, покреативни и поотпорни во кризни ситуации. Кога на жените ќе им се даде моќ, целиот сектор и општеството има придобивки “, порача Божиновска.
Таа нагласи дека интересот за наука и технологија кај девојките постои уште од рана возраст, но често се губи поради стереотипи, недостиг од поддршка и ограничен пристап до практични можности. Затоа, како што истакна, неопходно е создавање јасна и континуирана патека – од образование, преку практична обука, до вработување и напредување.
„Oвие бариери не се непремостливи.Ги надминуваме преку партнерства, преку вакви проекти, преку отворен дијалог и преку конкретни програми кои ги приближуваат младите жени до реалниот сектор.“ нагласи Божиновска.
Министерката ги посочи и стратешките приоритети на државата за периодот 2026–2030, меѓу кои забрзан развој на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност на објектите и дигитализација на електроенергетската инфраструктура, процеси кои директно ќе го обликуваат пазарот на труд и побарувачката за нови профили и вештини.
„Технологиите со нето-нула емисии ќе бараат експерти за обновливи извори, специјалисти за паметни згради и автоматизација, дигитални инженери, менаџери за енергетска ефикасност и професионалци за паметни мрежи. Нашата задача е што повеќе жени да бидат дел од оваа нова економија“, истакна Божиновска.
Таа потенцираше дека Министерството за енергетика е цврсто посветено на поддршка на девојките и жените во STEM и енергетските сектори, преку практични обуки, партнерства со компании, менторски мрежи и програми што ги поврзуваат образованието и реалниот сектор.
Проектот ELeVATE, кој ги поврзува образовните институции, компаниите, јавниот сектор и локалните власти, беше посочен како пример за конкретен и применлив модел што ги надминува бариерите и создава реални можности за жените во зелените технологии.
„Енергетската транзиција ќе биде успешна само ако е инклузивна – ако ги вклучи жените, ако создаде еднакви можности и ако ги поврзе образованието, бизнисот и институциите“, порача Божиновска.
Македонија
Коњановски даде отчет за првите 100 дена: фокусот е на инфраструктурата, образованието, спортот, културата и енергетска транзиција
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, истакнувајќи дека фокусот е на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.
Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“. Во рамките на инфраструктурните проекти, се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и три нови игралишта во месноста Областа.
Коњановски истакна дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта и изградба на шест нови паркинг простори на повеќе локации во градот. Во спортската инфраструктура се вклучени подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.
Во образованието се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, изградба на нови игралишта и објекти за учениците, додека за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.
Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.
Во рамките на културата и спортот, Битола беше домаќин на натпревари на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а се реализираа проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, поддршка за волонтери, активности за лица со попреченост и старо население.
Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.
„Не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Критиките не не обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме со нашата мисија“, изјави Коњановски.
Македонија
Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски, велат од СДСМ
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос велат од СДСМ.
„Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од лукзуот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра.
За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни.
Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања“.
Ученикот, додаваат од опозициската партија, сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот.
„И Томовски запнал за авион од стотици милиони евра, како да се надева на процент од набавката за семејната фирма?
Малку да не им се 161 тендер досега?
Сè е бизнис во ВМРО“.

