Македонија
Од јуни жените ќе бидат повикувани на претходно закажани мамографски прегледи
Во јуни треба да стартува новиот проект на министерството за здравство во делот на раната детекција на малигните заболувања, со кој жените ќе бидат повикувани на бесплатен преглед во претходно закажан термин.„Оваа година жените нема да има потреба да се јават за да закажат бесплатен преглед, ние ќе ги повикуваме на термин. Подготовките технички веќе се завршени и очекуваме во јуни да стартува тој проект за повикување на жените на претходно закажан термин“ – рече министерот за здравство Бујар Османи на денешната посета на поликлиниката „Јане Сандански“.Мамографските прегледи ќе можат да се прават во сите служби кои се предвидени со програмата, а првиот преглед и понатаму ќе биде бесплатен, додека дополнителните контролни прегледи и понатаму ќе подлегнуваат на партиципација што е законски предвидено.Според Османи новиот проект ќе значи поголема свест и информираност кај жените.„ Бројките се импресивни во делот на раната детекција на малигните заболувања. Има зголемен број на пациенти каде што е зголемена свесноста за потребите од рано детектирање на малигни заболувања, особено на дојка. Околу 1.500 прегледи се направени во минатата година во рамките на програмата. Тоа е бројка која најјасно покажува кој е успехот на оваа програма. 40.000 прегледи се направени во 2009 година за разлика од само 3.500 во цела држава пред 6 години“ – рече ОсманиМинистерот изрази подготвеност за целосно расчистување на случајот со осумгодишната Марија Георгиевска која почина на инфективната клиника. Поради незадоволството на семејството со првиот извештај, на барање на Османи деновиве треба да биде извршен уште еден стручен надзор, за да се утврди дали е точна констатацијата на лекарскиот тим на клиника кој што смета дека се запазени сите процедури, предвидени во медицината, базирани на докази или пак дали е точен ставот на семејството дека причина е лекарска грешка.„Ставот на првичната комисија е дека не можат да донесат конечен заклучок, бидејќи семејството не дозволува обдукција за да може да се констатира што е причината за смртта. Бидејќи семејството искажа незадоволство од тој извештај за да им пратам порака дека нашата намера е да одиме до крај со расветлување на случајот, јас предложив уште еден стручен надзор за да ги споредиме двата извештаи. Да заврши деновиве и вториот стручен надзор и двата извештаи ќе ги објавиме за да ги осигураме семејството дека ние како министерство не сакаме никого да криеме и штитиме доколку имало лекарска грешка, но не сакаме ниту да осудиме некого без да имаме докази“ – вели Османи.Во својата редовна посета на здравствените домови низ државава Османи ја посети поликлиниката „Јане Сандански“ која е целосно реконструирана. Поставен е целосно нов покрив, отстранет е стариот азбест и завршени се градежните работи околу новата фасада. крај/ к.с.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре облачно време со локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Под влијание на циклонска активност од денес во вечерните часови, до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови.
На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.
Македонија
Утре без вода поголем дел од Гази Баба поради дефект
Утре, 3 декември, без вода и со намален притисок ќе останат корисниците од поголем дел од Гази Баба.
„Ве известуваме дека поради итен водоводен дефект на водоводна линија Ф700мм на бул.Александар Македонски, ЈП Водовод и канализација Скопје ќе превземе одреден технички зафат кој ќе се одвива на ден 03.12.2025 година (среда)“, информира Центарот за управување со кризи.
Прекин на водоснабдување од 7:30 часот до санација на дефeктот, ќе имаат следните улици и населени места:
– Бул. Александар Македоски
– Ул. 808 (дел од улица)
– Бул. Киро Глигоров (дел од булевар)
– Населба Автокоманда со намален притисок во ниска зона
– Триангла со намален притисок
– Населба Хиподром со намален притисок
– Ул. Перо Наков кај Кванташки со намален притисок
– Населба М.А.Ченто прекин на водоснабдување
– Ул. Маџари прекин на водоснабдување
– Ул. Палмиро Тољати прекин на водоснабдување
– С.Сингелиќ прекин на водоснабдување
Македонија
Финансиска поддршка од 12.000 денари за новороденчињата од општина Кисела Вода
Ваучери во вредност од 12.000 денари за новороденчињата денес додели Општина Кисела Вода на настан посветен на најмладите жители и нивните семејства. Мерката претставува финансиска поддршка за родителите во првите месеци по раѓањето на детето.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, порача дека грижата за децата и семејствата започнува уште од првиот ден. Додаде дека финансиски средства се исплатени и за останатите новороденчиња од претходните месеци, за кои исплатата беше оневозможена поради изборниот процес.
„Сакам да ги информирам и сите родители со новороденчиња кои аплицирале во изминатите месеци, а за кои, поради изборниот процес не беше можна исплатата, дека средствата ќе ги имаат на нивните сметки во текот на утрешниот ден“, истакна Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите нови родители слободно да аплицираат за оваа мерка.
Право на апликација имаат семејствата чии новороденчиња не се постари од 90 дена, а целосната потребна документација која е сосема едноставна, е достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода.

