Македонија
Хаос во УКИМ, предлогот на Тодоров ги подели професорите
Професорите за в четврток закажаа протести против предлогот за измени на Законот за високо образование на Тодоров, на што одредени студенти најавија контра протести за поддршка на министерот
Професорите тврдат дека Ректорот го поддржал протестот, но подоцна, како што велат, „поради политички притисоци се повлекол и се оградил од него“.Иницијативниот одбор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) вчера ги повика сите професори на протести против најавите за измени во законот за високото образование, и од таму известија дека протестите ќе се одржат утре, и дека тие ја имаат поддршката на Ректорот на УКИМ за одржување на протестите.Ректорскиот колегиум на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со соопштение пак, ги негираше информациите дека го поддржуваат организирањето на протестите и наведуваат дека дејствувањето треба да се задржи „низ легитимните органи на Универзитетот“. Истовремено, група студенти најавуваат контра протести на професорите.„Тоа се глупости. Ќе има протести. Нас ректорот вчера не поддржа, а потоа се повлече најверојатно поради политичките притисоци. Ние имаме закажано мирен протест и тоа е наше уставно право, протестот е пријавен во полиција, а тие студенти кои закажале контрапротест, нивниот е противуставен. Знаете тие студенти кои се и зошто се таму, тоа се политички марионети, и ова веќе е скандал“, рече за „Макфакс“ универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој додаде дека протестите ќе се одржат пред платото на скопскиот универзитет во 13:30 часот.Неколкупати се обидовме да стапиме во контакт со Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, но тој засега не е достапен за коментар.Министерот за образование и наука, Никола Тодоров денеска изјави дека нема да протестираат сите професори, туку само дел од нив.„Тоа се истите оние професори кои беа многу гласни или најгласни за грешките во учебниците, истите професори кои се бунеа против намалувањето на партиципацијата, истите се тие кои сега негодуваат за измените во законот и ги дефинираат како измени кои ја нарушуваат автономијата. Затоа апелирам до професорите за кои во најголем дел мислам дека се квалитетни и лесно може да ги исполнат овие критериуми кои ги предвидуваме да не подлегнуваат и да не паѓаат во стапицата на остварување на личните политички амбиции на една мала група на професори“, рече Тодоров и додаде дека тој разговарал со Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски и забележал дека протестите биле организирани од група професори кои поради лични политички амбиции се обидуваат да направат политичко прашање од предложените измени.„Ректорот ми кажа дека воопшто не стои зад овие протести затоа што ние имаме легитимен разговор за се она што се однесува на измените на законот за високо образование“, рече Тодоров кој негираше дека им испраќа контра протести на професорите.Ректорска управа на УКИМ за 31 овој месец закажа нова седницата каде ќе се претседава за разгледување на новата верзија на предлог законот за високо образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

