Македонија
Браќата Миладинови чекаа повлекување на обвинението, судењето одложено
Повторениот судски процес против струшките бизнисмени браќата Миладинови беше одложен по барање на дел од бранителите. На Миладинови требаше да им се суди за случајот со струшкиот хотел Изгрев, односно за кривични дела перење пари , давање лажни податоци. Неколкумина од бранителите побараа, а судот прифати нови термини за судење, оти адвокатите беа зафатени со судски процес за случајот Пепел, и обвинетиот Бајруш Сејдиу, кој истовремено се одвиваше во Апелациониот суд. Судењето е презакажано за следниот месец. “Очекувам апсолутно ослободителна пресуда и во повторената постапка. Очекувам обвинителот да го повлече обвинението тоа би било коректно во целата оваа постапка”, изјави Ѓорѓи Миладинов еден од браќата. Истото го потврди и нивниот бранител адвокатот Драган Гоџо. ”Во најмала рака очекував да реагира обвинителството на обвинителниот акт по изјавите дека самите нашле грешка во истиот. Лично очекував да биде повлечен обвинителниот акт, но ќе видиме. Ние сме сега на потег во однос на докази, на потег е обвинителот дали ќе интервенира во текстот на обвинението. Од наша страна нема да биде повикана МПЦ како сведок”, рече Гоџо.
Миладинови по вторпат ќе седнат на обвинителна клупа. Еднаш беа осудени на по 6 и пол годишни затворски казни. Но Апелациониот суд ги укина, а вишото јавно обвинителство призна дека обвинителниот акт бил полн со грешки. Миладинови по подолг престој во притвор веднаш беа ослободени да се бранат од слобода.
Во истата постапка одговараа адвокати, судии, нотар и други соработници на Миладинови. Неколкумина добија казни, а некои беа ослободени од обвинение. Сега сите повторно ќе одговараат оти според обвинителството Миладинови зеле кредит за реновирање на хотелот Изгрев, но парите ги потрошиле за други потреби и не ги вратиле. Во текот на првата постапка тие докажуваа дека парите се вратени на банката. /крај/км/мк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

