Македонија
ЗНМ побара непречено функционирање на медиумите на Рамковски

Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ) ги повика институциите да ги овозможат сите законски услови за непречено функционирање на телевизијата А1 и весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е Ре“ додека трае истрагата за случајот „Пајажина“.
„Медиумите не смеат да бидат жртви на истрагата во овој случај“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Од таму додаваат дека во спротивно, ќе сметаат дека „оневозможувањето на работа на овие медиуми е удар врз слободата на медиумите и медиумскиот плурализам во Македонија“. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Шукова: Скопје мора да стане град на луѓето, не на автомобилите

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, на денешната прес-конференција ја претстави својата визија за урбаниот развој на главниот град, истакнувајќи дека таа се темели на принципите на одржливост, рамномерност и хуманост.
„Мојата визија за Скопје се гради на инклузивен раст, отпорна инфраструктура, достапни јавни простори и ефикасен транспорт. Новиот Генерален урбанистички план ќе се темели токму на овие постулати – град што се развива со луѓето, за луѓето“, изјави Шукова.
Таа нагласи дека клучна цел е воспоставување баланс во урбаниот развој меѓу јужниот и северниот дел на градот.
„Неконтролираната градежна експанзија јужно од Вардар ја надмина инфраструктурата и го ’задуши’ градот. Затоа ќе се фокусираме на развој на нови станбени населби северно од реката Вардар, каде што ќе се вложува во нова инфраструктура, со што ќе се привлечат инвестиции и ќе се обезбеди рамномерна урбана слика“, рече таа.
Во делот за сообраќајната инфраструктура, Шукова најави пренасочување на приоритетите – од автомобилите кон луѓето. „Скопје мора да премине од град на автомобили во град на луѓе. Пешаците и велосипедистите ќе бидат на врвот на сообраќајната пирамида. Центарот ќе го претвориме во пешачка зона, а новите булевари на северот ќе овозможат подобра поврзаност меѓу истокот и западот, без дополнителен притисок врз градското јадро“, потенцираше Шукова.
Посебен акцент стави на зелените површини, како предуслов за квалитетен и здрав живот. Таа најави изградба на 15 нови паркови за 15 месеци, подигање на Ботаничката градина кај ЈП „Паркови и зеленило“, пошумување на ободот на градот како продолжение на Водно и уредување на пешачко-велосипедската патека долж Вардар до Сарај.
„Зелените површини се белите дробови на градот. Скопје мора повторно да дише. Затоа ќе вложуваме во паркови, јавни простори и чиста животна средина“, рече таа.
Шукова ја претстави и долгорочната визија за развој на Скопје во наредните три децении, која, како што нагласи, ќе се темели на холистички пристап што комбинира одржливост, иновации и инклузивност. „Граѓанинот ќе биде во центарот на планирањето. Сакаме Скопје да биде креативен, отпорен и зелен град – место каде што луѓето живеат, работат и инвестираат во здрава и човечка средина“, порача Шукова.
„Ова е визијата за Скопје за која се бориме – град што ја почитува својата историја, но храбро гледа кон иднината“, заврши таа.
Македонија
Родителите на жртвите од „Пулс“: Привремено се прекинуваат блокадите, маршевите продолжуваат секоја сабота

Семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани информираа дека по добивањето на датумот за почеток на судскиот процес, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но маршевите ќе продолжат секоја сабота – како симбол на нивната упорност и борба за вистината.
Претходно беше соопштено дека главната расправа за предметот е закажана за 19 ноември 2025 година.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество,“ се наведува во соопштението.
Родителите очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.
„Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија,“ додаваат тие.
Во изјавата се упатува и повик до јавноста, медиумите и институциите да го следат процесот со должно внимание, бидејќи, како што се наведува, „ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.“
Македонија
Царината и Централниот регистар договорија е-размена на податоци за царински долг – хартиените потврди набргу заминуваат во историјата

Царинската управа и Централниот регистар договорија дигитална размена на податоци за царински долг, со што хартиените потврди кои се потребни за упис и промени на правниот субјект наскоро стануваат минато.
Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, денеска официјално го потпишаа Договорот за соработка и размена на документи во електронска форма.
„Намалувањето на бирократските процедури и зголемувањето на ефикасноста на администрацијата преку поедноставување и забрзување на постапките е едно од нашите ветувања пред јавноста. Ова е само еден од чекорите кои ги преземаме во таа насока. Годишно досега се издаваа од седум до девет илјади потврди во хартиена форма, за што фирмите и граѓаните чекаа и по неколку дена. Во изминатите месеци, заедно со Централниот регистар интензивно работевме на дигитално поврзување на системите. Од почетокот на следниот месец, потврдите за царински долг Централниот регистар ќе ги добива автоматски, преку системот за интероперабилност – со само еден клик од Царинската управа “, вели директорот Бобан Николовски.
Николовски додава дека ова претставува уште еден важен чекор кон создавање подобра деловна клима и современи услови за водење бизнис.
Директорката на Централниот регистар, Стамнова, вели дека со овој начин на поврзување преку интероперабилност ќе се олеснат бизнис процедурите, а ќе се зголеми ефикасноста при обезбедување на неопходните документи при уписите на правните субјекти.