Македонија
Милошоски: Имаме добри и солидни параметри за слободата на медиумите
Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, коментирајќи ја изјавата на амбасадорот на САД, Филип Рикер, кој изрази загриженост дека Македонија се соочува со сериозни проблеми со слободата на медиумите, рече дека земјата има добри и солидни параметри по однос на принципот слобода на медиуми. „Моја лична оценка е дека во Македонија слободата на медиумите е еден запазен принцип кој зависи не само од расположението на главните чинители туку и самиот интегритет на секој медиум. Зависи многу од секој медиум како ќе успее тој принцип да го искористи во своја полза, и секој медиум или новинар да го покаже својот интегритет“, рече Милошоски.Во однос на другите коментари за судството и евентуалната политичка криза, Милошоски рече дека треба да се направи јасна дистинкција дека слободата на медиумите е неприкосновен принцип но тоа што слободата на медиумите е еден свет принцип на европската демократија не значи дека е дозволено поединец или група, зад параванот на слободниот медиум да се занимаваат со работи кои не се дозволени или може да бидат оквалификувани како затајување на данок, перење на пари и организиран криминал. „Обидот да се сокрие незаконито дејствие зад еден ваков принцип како слободата на медиумите, говори и за еден морален дефицит кај било кој актер, поединец или група кои би сакале да злоупотребат една таква ситуација“, додаде тој.Според него, судските реформи ќе продолжат да бидат главен предизвик на Владата, но сепак, бројот на добро завршените судски предмети, и бројот на квалитетот и ефикасноста во судскиот систем станува од година во година подобар.„Во однос на коментарите за политичка криза, има политички актери како Претседателот на СДСМ, кои имаат желба, намера или скриена цел, во Македонија да се предизвика политичка криза и да се остави впечаток за една држава која се наоѓа во политичка криза, што е неодговорно однесување“, смета Милошоски. Министерот за надворешни работи информираше дека веќе се прават напори од страна на Претседателот на Собранието и координаторите на пратеничките групи, за сите парламентарни групи своите разлики потреби критики и соочувања да ги насочат во собраниска дискусија./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

