Македонија
Нови е-услуги на Агенцијата за катастар на недвижности
Агенцијата за катастар на недвижности воведе две нови Интернет-услуги во делот на своето работење. Услугите „Увид во статусот на поднесено барање“ и „Пристап до податоци од катастарот на земјиште“ имаат за цел скратување на времето и трошоците на граѓаните и фирмите при обезбедувањето на потребните податоци од Катастарот.Услугата „Увид во статусот на поднесено барање“, достапна преку веб-страната на Агенцијата за катастар на недвижности, е наменета за странките кои ќе поднесат барања и кои по електронски пат ќе можат да го проверат статусот на поднесеното барање: дали е решено, одбиено или е во фаза на решавање. Оваа услуга е бесплатна.Втората услуга, која денес беше презентирана, е наменета за приватните геодетски фирми. Услугата „Пристап до податоци од катастарот на земјиште“ ќе послужи за изготвување на геодетски елаборати за излагање на оние недвижности кои останале со незапишани права во постапката на систематското излагање. За оваа услуга корисниците прво треба да направат договор со Агенцијата за користење на услугата.„Оваа услуга потекнува од идејата која се појави на барање на Комората на овластени геодети бидејќи податоците се неопходни за изработка на геодетските елаборати. Услугата во голема мера ќе ја олесни работата на трговските друштва за геодетски работи, ќе се намали притисокот врз Агенцијата и, секако, брзината на изготвување на елаборатите на општ интерес ќе биде зголемена“ – изјави Борис Тунџе, претседател на Комората на овластени геодети.На денешната презентација беше најавена и промоцијата на други услуги од областа на електронското работење на Агенцијата за катастар на недвижности, како Вебгис-порталот со 2Д и 3Д геопросторни податоци и Електронски шалтер, со кој професионалните корисници ќе можат да користат податоци од геодетско-катастарскиот информационен систем.„Електронскиот катастар е присутен во Скопје, Кавадарци и Неготино. Нашата обврска и желба на Агенцијата е со електронски систем да бидат покриени сите поголеми градови во целата држава. На тој начин генерално се обидуваме да го реформираме катастарот со цел да биде една од најдобрите институции во државата“ – нагласи Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија.На денешната презентација на новите услуги на Агенцијата за катастар на недвижности присуствуваа и Африм Усеини, заменик-директор на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, и Славче Трпески, помошник на директорот за Центар за катастар на недвижности Скопје.Новите услуги практично ги презентираше Гоце Груевски, раководител на ИТ-секторот во Агенцијата.Услугите се достапни на веб-страницата www.katastar.gov.mk на Агенцијата за катастар на недвижности./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

