Македонија
Физичко обезбедување во средните училишта во Велес

Средните училишта во Велес го засилуваат обезбедувањето. По неколкуте немили настани кои се случија во изминатиот период од институциите започнаа да реагираат, јавува Лисица.
Иако веќе имаат поставено безбедносни камери, во „Коле Неделковски“ ќе се воведе и физичко обезбедување. Ова е одлуката која е донесена на седница на Одборот на родители. Тие се загрижени за безбедноста на нивните деца и затоа решиле на раководството да му предложат да се зајакне контролата над учениците.
Откако минатата недела во ова училиште се случи еден ученик со нож да биде нападнат од ученик од друго училиште полицијата e со зајакнати контроли.
„Имаме наша патрола која секојдневно е присутна таму. Засега немаме некое посебно барање за обезбедување, но ние цениме дека дел од полициската надлежност е да бидеме покрај училиштата и да го одржуваме редот“ вели Анита П.Стојковска портпарол на СВР Велес.
Физичко обезбедување за учениците веќе се воведе во средното Хемиско училиште во градот ,откако пред неколку месеци таму имаше тепачки помеѓу учениците.
Извори за веб-порталот Лисица потврдуваат дека и останатите две средни училишта ја разгледуваат можноста да се воведе некаков вид на обезбедување./крај/лисица/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Истрага против турски државјанин за обид за убиство во Скопје: со метален капак од шахта повеќе пати го удирал оштетениот во глава

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Ноќеска по полноќ на улицата „Метрополит Теодосиј Гологанов” во Скопје, во близина на Клубот на пратеници, со умисла се обидел да лиши од живот друг турски државјанин. По претходна вербална расправија, тие почнале физички да се пресметуваат и си разменувале удари од кои оштетениот паднал повреден на земја.
Во тој момент осомничениот зел метален капак од шахта со кој повеќе пати го удирал оштетениот во главата. Додека оштетениот лежел на земјата во бесознание, осомничениот продолжил да го удира со нозе по главата и телото. Дури и кога на местото пристигнале полициски службеници, тој одбивал да престане со ударите додека не го совладале, со што на оштетениот нанел тешки телесни повреди поради кои во животозагрозувачка состојба тој бил хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот кој немал пријавено престојувалиште во земјава, можност да влијае на сведоци во постапката или да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
СДСМ: Димитриевски треба да одговори за големиот скандал, а враќањето членови од ЗНАМ во СДСМ веќе започна

„Големиот корупциски скандал ја разоткри вистината, Максим Димитриевски ја злоупотреби ЗНАМ за свои бизнис зделки. Истиот човек кој гласно обвинуваше за криминал и ја обележуваше ДУИ како најголем проблем е фатен како соработува токму со нив – во криминал“, велат од СДСМ.
„ЗНАМ никогаш не беше автентична политичка понуда. Таа постои за две цели: да биде продолжена рака на ВМРО ДПМНЕ и да му служи на Димитриевски како алатка за остварување а неговите бизнис интереси.
Граѓаните и членовите на ЗНАМ сега со право се чувствуваат изневерени и оттука е големата нервоза кај Димитриевски.
Наместо прозивки за СДСМ, после корупцискиот скандал Димитриевски нека се подготви за соочување со одговорноста пред истражните и судски органи.
Што се однесува до враќањето на членовите на ЗНАМ во СДСМ, тоа е веќе започнато.
Прогрес на македонската политичка сцена и вистински напредок на државата ќе има само кога од македонската политика ќе се искоренат полуписмени и криминализирани луѓе кои политиката ја сфакаат и користат само за да украдат макар и еден пар чизми“, соопшти СДСМ.
Македонија
Димитриевски: Уплашени сте, господа од СДСМ, обидите за оцрнување нема да ви помогнат

Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски и генералниот секретар Горан Минчев, реализираа средба со граѓани, членови и симпатизери во Ресен.
Пред присутните на оваа средба, Претседателот Димитриевски порача дека „нападите врз него и врз Движењето ЗНАМ се најсилниот доказ дека политичка елита од СДСМ е уплашена и свесна дека нејзиното време завршува“.
„Ниту сме продолжена рака на Мицкоски, ниту дел од ничиј план, ниту пратка од СДСМ – туку глас на луѓето кои веќе немаат доверба во СДСМ. ЗНАМ не е ничиј сателит – ЗНАМ е гласот на разочараните, напуштените и предадените граѓани. Уплашени сте, господа од СДСМ. Обидите за оцрнување нема да Ви помогнат – граѓаните веќе не Ви веруваат“, истакна Димитриевски.
Тој додаде дека СДСМ денес е политичка структура која ја изгубила врската со реалноста и се потпира на фабрикувани скандали и ПР-трикови за да преживее уште некој ден.