Македонија
Владата ги прифати измените за високото образование, професорите изненадени
Професорите сметаат дека министерот за образование и наука, Никола Тодоров не го одржал своето ветување дека овој петок ќе ги образложи измените на Законот за високо образование пред Сенатот на УКИМ, откако Владата ги изгласа измените и тие влегоа во собраниска процедура
Професорите повторно се изненадени од ваквата постапка на министерот, особено откако тој на протестот ја прифати отворената покана од универзитетските професори да дојде на закажаната седница на Сенатот, и пред нив да го одбрани својот предлог.Универзитетскиот професор, Денко Малески, ни изјави дека тој отворено поддржува јакнење на критериумите во високото образование, и нема никаков проблем со иницијатива која работи во таа насока, бидејќи сегашната состојба карактеризира самоволие кое дава со квалитет.„Во демократските општества, законите пред да се стават во процедура, долго се дебатираат во средините во кои треба да се применат. Потребна е широка дебата меѓу професорите и студентите. Јасно е дека во целава постапка отсуствува овој сегмент“, коментира тој за изгласувањето на измените на законот.„Мислам дека се во македонското општество е до тој степен исполитизирано и се е сведено на политички табори и поделби, што ми е страв дека како жртва на крајот ќе излезе основната цел на сево ова – напредокот и квалитетот во високото образование“, рече Малески.Министерот Тодоров пак, се правдаше дека не ја почекал седницата на Сенатот, поради тоа што наводно таа била многу одолговлекувана. Тврди дека професорите не му дале конкретни забелешки за законот, туку само паушални напади.„Голем дел од забелешките кои беа добронамерни во функција за подобрување на квалитетот на високото образование во Македонија, се прифатени, меѓутоа исто така мора да потенцирам дека целиот овој период на јавна дебата, што е една врвна демократска придобивка, го одбележа и фактот дека имаше голем број критики кои беа паушално засновани, кои не нудеа контра аргументација на било која од одредбите на законот, како што се аргументите на нарушена автономија, упад во автономијата итн. Мислам дека со овој закон воопшто не може да стане збор за таков упад, напротив мислам дека измените кој овој закон ги нуди, долгорочно, ќе донесат сериозно подобрување на квалитетот на високото образование“, изјави денеска Тодоров, и додаде дека и покрај тоа што Владата ги прифати предложените измени, тој сепак ќе присуствува на седницата на Сенатот на УКИМ закажана во петок.По усвојувањето на измените од страна на Владата, за предлогот треба да расправа и одлучува и Собранието.Голем дел од академската заедница влезе во отворен конфликт со Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, поради неговиот предлог за измени во Законот за високо образование, кои вклучуваат построги критериуми за станување доцент, асистент и професор, објавување поголем број научни трудови, отчет на јавните универзитети пред Собранието и јавноста, самоевалуација на професорите итн. Дел од професорите измените ги сфатија како упад во автономијата на универзитетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

