Македонија
Протести на таксистите пред Влада
Синдикалната организација на такси превозниците при Регионалната комора на Скопје во која членуваат осум такси компании со околу 1.000 таксисти, денеска ќе протестираат пред Владата.Протестот ќе започне во 10 часот кога две групи на такси возила ќе тргнат од салата МЗТ во Аеродром и од Топланата во Скопје Север и ќе се упатат кон Владата, каде што велат ќе останат сè додека не бидат исполнети нивните барања.Таксистите бараат од Министерството за финансии, Владата и од Градот решавање на хаосот во такси превозот, особено со дивите таксисти, регулирање на исплатата на заостанатите долгови и решавање на проблемите со блокираните сметки.„Шест месеци молиме да нè примат и во Министерствата за транспорт и за финансии и во Владата. Сите институции се исцрпени, па со протестите веруваме дека ќе нè примат на разговор“ – вели Радислав Томчевски претставник на таксистите од Регионалната комора.Групацијата на авто такси превоз при Стопанската комора нема да се придружи на протестот. Тие на вчерашната прес конференција ги искажаа своите ставови и спротивставени убедувања и изразија сопствено незадоволство од начинот на кој функционираат во такси превозот. Според нив нема потреба од протест, бидејќи сите институции моментално се отворени за соработка„Не можеме да го решиме хаосот во такси превозот правејќи хаос по улиците. Доколку некој им ветил отпишување на сите заостанати долгови, тогаш ја имаат нашата поддршка за овој проблем“, рече вчера Сашо Рајчиновски претседател на оваа групација, појаснувајќи дека во разговорите со претставници на Владата и УЈП издејствувале можност да склучуваат договори за враќање на долговите на рати. /крај/к.с
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

