Македонија
Јанкуловска, Адеми и Тодоров повикаа на ненасилство и толеранција
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, министерот за образование и наука, Никола Тодоров, и вицепремиерот Абдулаким Адеми кои во четврток разговараа за ситуацијата во училиштата во Македонија, повикаа на ненасилство и толеранција меѓу учениците и граѓаните
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека загрижува фактот што во текот на цела 2010 г. биле регистрирани 48 случаи на насилно однесување од страна на ученици, додека оваа година само во првиот месец имало 13 случаи на насилничко однесување и пресметки меѓу учениците, кои се случиле во училиштата или во нивна непосредна близина. Дури 11 од инцидентите се случиле во Скопје.„Со оглед на овие бројки сметам дека е важно во еден ваков состав да поразговараме за мерките кои треба да ги превземат институциите за смирување на страстите“, рече Јанкулоска и им порача на сите млади луѓе проблемите да ги решаваат низ дијалог и да се воздржат од насилно однесување, конфликти и тензии. Најави засилени активности на полицијата и нејзино поголемо присуство на локации кои се оценети како ризични и зачестени проверки на „поединци кои условно речено изгледаат сомнително“.Министерот за образование и наука Никола Тодоров апелираше до сите наставници да влијаат на учениците како кон свои деца и да не дозволат да се запали фитилот на деструктивниот национализам кој може да ја уништи македонската мултикултурна демократија.„Сакам да апелирам и до сите родители, да поразговараат со своите деца и да им ги предочат опасностите од радикализмот“, рече тој.Вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Абдулаким Адеми рече дека во едно мултиетничко општество односите меѓу различните заедници се едно од најчувствителното прашања и во зависност од нивната поставеност се мост на раздвојување или на спојување.„Преголем е влогот овие односи во нашата држава да бидат мост на спојување и не смееме да дозволиме во ниеден случај тие да станат мост на раздвојување. Институциите ќе ги искористат сите демократски механизми за меѓуетничките и меѓурелигиските односи да бидат мостови на спојување“, рече тој и порача дека еден од главните приоритети на оваа и секоја влада треба да биде Охридскиот договор.Министерката Јанкулоска за последните случувања кои се случија минатиот викенд на Калето, им порача на сите оние кои можеби се уште размислуваат за евентуално учество во настани каде би можело да дојде до инциденти и каде би можело да има насилство, да се воздржат од ваквото однесување.„Институциите безмилосно ќе реагираат, нема да толерираме нарушување на јавниот ред и мир и нема да толерираме никакво загрозување на правата на поединците и правата на заедниците во Македонија“, рече Јанкулоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

