Македонија
Кукан: Прашањето за избори е внатрешна одговорност
Прашањето за евентуалното одржување на предвремени парламентарни избори е внатрешно прашање на земјата, изјави словачкиот европратеник Едуард Кукан, по денешната средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски
„Мислам дека прашањето за избори е внатрешно прашање, кое е одговорност на политичките институции на земјата. Не би го коментирал тоа“, рече Кукан.Според вицепремиерот Наумовски, пак, евентуалните предвремени избори нема да влијаат врз европската интеграција на земјата, ниту врз волјата, која според него, постои за надминување на спорот со името со Грција.„Ние видовме дека во изминатиот период станува пракса од страна на грчките политичари да се повторува една т.н. црвена линија, дека нивната црвена линија е сложено име со географска одредница за севкупна употреба. Тие можат уште 100 пати да ја повторат таа нивна црвена линија,а ние ако треба уште 1.000 пати ќе повториме дека Република Македонија никогаш нема да прифати уцени и дека поминаа времињата кога за Македонците и за сите граѓани што живеат на оваа територија се одлучуваше без нивно учество. Мислам дека без разлика кога ќе се одржат изборите, сите политички партии во Република Македонија имаат јасно изразена политичка волја за продолжување на процесот на европска интеграција. Исто така, сите политички фактори во Република Македонија имаат јасно изразена волја за изнаоѓање на едно взаемно прифатливо решение за спорот со името“, изјави Наумовски.Во однос на подготвеноста на Македонија за почеток на пристапни преговори со унијата, Кукан, цитирајќи го минатогодишниот извештај за напредокот на земјата, посочи дека е потребно понатамошен напредок во областа на судството, борбата против корупцијата и слободата на изразување во медиумите.„Има некаков напредок во реформите во судството, но сеуште е неопходно да се работи на повеќе реформи во областа на судството, борбата против корупцијата, и исто така, слободата на изразување во медиумите. Мислам дека овие прашање се посочени од европските институции. Понатамошен напредок е потребен, но ако сакате да ви одговорам директно…да, мислам дека доколку прашањето со името се разреши денеска, мислам дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори“, рече Кукан.Коментирајќи го бојкотот на опозицијата на Собранието, словачкиот европратеник посочи дека институциите се местото каде што треба да се води политичката битка.„Мојата порака до опозицијата е следна – во секоe демократско општество има простор за легитимна активност на опозицијата. Нормално е дека треба да ја критикуваат владата, дека треба да покажат како би ги направиле работите подобро отколку владата, со цел да ја убедат популацијата и колку успешно го направиле тоа, ќе се покаже на следните избори. Но, сите овие активности секогаш се прават врз основа на демократски избрани институции. Затоа мојата порака е – вратете се во парламентот и давајте ги вашите политички аргументи таму“, рече Кукан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

