Македонија
Самостојниот синдикат на новинари бара поддршка од институциите

Потребна ни е поддршката од институциите за да направиме ред во медиумската сфера.
Ова денеска го изјави Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари, по средбата со министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами.
Таа информираше дека ја започнуваат постапката за барање на репрезентативност на Самостојниот синдикат на новинари, кој сега брои околу 300 члена.
Министерот за труд и социјална политика од своја страна најави во иднина позачестени контроли во медиумите за да се утврди состојбата со работничките права.
„Ние тоа за жал во изминатиот период многу ретко го правевме од причина што не сакавме да западнеме во ситуација дека на некој начин се врши притисок во медиумите.“, рече Бајрами./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вчера се констатирани 706 сообраќајни прекршоци

Состојбата на подрачјата на осумте Сектори за внатрешни работи вчера согласно активностите на полициските службеници во рамки на сообраќајни контроли покажува дека биле издадени вкупно 706 платни налози, а по превземени мерки по основ на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП) и по основ на Законот за возила (ЗВ).
Во тој контекст, статистички гледано, од изречените прекршочни санкции повторно најголемиот број изречени прекршоци против возачи – 183 се однесуваат на непрописно паркирање, а 133 – се однесуваат на непочитување на брзината на движење. Потоа по основ на непоседување на возачка дозвола изречени се 74 прекршоци; 89 се прекршоците за некористење на сигурносен појас и 15 – за неносење заштитен шлем, а 31 прекршок за говорење на мобилен телефон при возење. Вчера само девет пешаци добиле прекршочни платни налози за разлика од завчера кога нивната бројка беше дури 209.
Исто така, во рамки на контролите, во седум случаи евидентирано е минување на возило на црвено светло, а исто толку возачи управувале возило со недозволено ниво на алкохол во крвта. Согласно ЗВ пак евидентирани се и 21 нерегистирано возило како и осум возила кои што биле технички неисправни согласно ЗВ.
Македонија
(Видео) Стојаноски: СДС и ДУИ, заедно со нивните судии и обвинители се во акција за заштита на мазут мафијата, наскоро ќе се стави крај на вакви случаи

Ланецот СДС-ДУИ заедно со алките, правосудство и мазут мафија го краделе народот и со украдените пари ги труеле граѓаните. Оваа спрега деновиве, со случајот мазут мафија, дополнително излезе на површина, истакна на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, судството и обвинителството се во акција за одбрана на криминал тежок 167 милиони евра за канцероген мазут со кој се труеле граѓаните.
„За дел од набавките, според информациите во јавноста, немало ниту јавен повик, а владата предводена од СДС , кога премиер е Зоран Заев, а Венко Филипче министер за здравство, внимавајте во една од набавките во декември 2021 година, директно го помогнала купувањето на канцероген мазут со 15 милиони евра буџетски пари.
Оттука обвинителство и судството ги штитат директно и Заев и Филипче.
Дополнително, правосудниот систем на СДС и ДУИ преку мерка куќен притвор за еден од осомничените, синот на пратеникот Јахоски, праќа порака дека ако го крадеш народот и ако притоа со тие негови украдени пари дополнително и го труеш, следи само симболичен чин притвор во домашни услови.
Во целиот овој случај, има и еден бегалец, тоа е Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ и човек од СДС“.
Како што додава Стојаноски, постапките на судството и обвинителството покажуваат дека поединци од овој систем работат само по насоки од СДС и ДУИ и го штитат криминалот, наместо да ја работат својата работа која е воспоставување на владеење на правото.
Токму овој правосуден систем воопшто не се грижи за граѓаните, вели тој, исто како што не се грижат и неговите работодавачи СДС и ДУИ.
„Колку за илустрaција, иако изгласана недоверба на пет судии од Судскиот совет во Собранието која ја претставува народната волја, тие судии мува не ги лази.
Судиите од Судскиот совет за кои е изгласана недоверба ладнокрвно велат ќе си работеле и понатаму без разлика што довербата од граѓаните им е на ниво на статистичка грешка или околу два проценти“.
Стојаноски нагласува дека на дело е спрегата правосуден систем – мазут мафија – СДС, ДУИ. Резултатот според него е кражба и труење на народот.
Затоа, како што потенцира, мора да се стави крај на ваквите случаи, а за тоа мора да има одговорност.
Македонија
Размена на искуства и предизвици на патот кон ЕУ во фокусот на средбата на МЕП Муртезани со турските експерти

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска беше домаќин на дипломатска делегација на Турција во рамките на состанокот за споделување искуства во процесот на европската интеграција. Во својот поздравен говор, министерот Муртезани нагласи дека продлабочената соработка со Турција е од големо значење за Северна Македонија, особено во поглед на институционалното зајакнување, усогласувањето со европските стандарди и подобрувањето на капацитетите за управување со европските фондови.
„ Оваа средба е доказ за силната и трајна врска помеѓу Турција и Северна Македонија. Како што веќе нагласив за време на мојата неодамнешна посета на Анкара, нашето партнерство е длабоко вкоренето во историјата, но истовремено е и насочено кон иднината, изградено врз заеднички аспирации и заеднички цели. Денешните дискусии претставуваат уште еден чекор кон учење од меѓусебните искуства.“ – истакна МЕП Муртезани.
Состанокот беше фокусиран на неколку клучни теми и панели, на кои претставници од двете делегации споделија свои согледувања и експертиза. На првиот панел, турската страна ги претстави своите искуства од пристапниот процес, со посебен фокус на институционалната структура, механизмите за преговарање и главните предизвици што ги надминале низ годините. Експертите од Министерството за европски прашања на Северна Македонија пак, говореа за тековниот статус на евроинтеграциите на земјата и приоритетите кои што претстојат во наредниот период.
Во рамките на вториот панел се дискутираше за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ, при што експерти од двете страни ги претставија своите организациски структури, процедурите за превод и координација, правната и стручната ревизија на преведените акти и создавањето терминолошки бази, што се клучни за прецизно и доследно пренесување на правото на Европската Унија во националниот правен систем.
Третиот панел беше посветен на финансиската соработка со ЕУ и користењето на ИПА фондовите. Македонската и турската страна ги презентираа своите искуства во програмирањето, спроведувањето и следењето на европските фондови, со посебен акцент на механизмите за ефикасно управување со средствата и осигурување на нивната максимална искористеност.
Последниот панел се фокусираше на прекуграничната и регионалната соработка, при што беа разгледани можностите за заеднички проекти во рамките на европските програми. Двете страни ја истакнаа важноста на ваквите иницијативи за поттикнување на економскиот развој, инфраструктурната поврзаност и градењето на посилни односи меѓу институциите.