Македонија
Киднапирале момче за да им работи како овчар
Патувањето автостоп до дома, деветнаесет годишниот А.М. од Стар Дојран за малку ќе го чинело живот, јавува Лисица.
Тргнал од Скопје автостоп, но кај Сопот излегол и продолжил пеш. Кога стигнал во близина на местото викано Бабуна, сретнал овчари и побарал да му дадат телефон.
Додека разговарал со нив дошле педесет и шест годишниот Н.М. и дваесет и четири годишниот Т.М. Двајцата биле татко и син, од Скопје. Почнале да разговараат со момчето и му нуделе работа како овчар.
Потоа со нивниот автомобил марка Лада го однеле до млекарата „Енерго-Маркет“ каде таткото работел како менаџер. Физички го нападнале, а со пиштол вперен во главата му се заканиле дека ќе биде убиен.
По физичкото малтретирање и заканите го сместиле во трлото што се наоѓало во близина и на овчарите им наредиле да го чуваат да не избега. Откако таткото и синот заминале, еден од овчарите се смилувал и му дал телефон. Момчето се јавило кај неговиот чичко, кој случајот веднаш го пријавил во полиција.
„Истиот ден околу 23,30 часот од страна на полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Велес излезено е на лице место во млекара „Енерго Маркет“. лоцирана во место викано Бабуна, лицето е ослободено, а сторителите на делото останале во објектот. Со наредба од истражен судија при Основен суд Велес извршен е претрес во млекарата и помошните простории, и при претресот пронајдени се еден пиштол марка ЦЗ 9мм , ловна пушка карабин, самострел и стрели за истиот, и неколку парчиња муниција за пиштолот и пушката. Предметите со потврда се одземени од лицата Н.М (56)-менаџер во млекарата, Т.М. (24) и двајцата од Скопје-татко и син, кои се затекнати во објектот, истите се приведени и задржани во просториите на Секторот, рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.
Таткото и синот во полициската станица не го признале делото. Против нив, СВР Велес до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава поради сомнение дека сториле две кривични дела „Противправно лишување од слобода“ и Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.
„За првото кривично дело можат да заработат парична казна и затвор во времетраење до една година, а за второто парична казна и затвор до шест месеци“, рече Анита Стојковска.
Педесет и четиригодишниот Н.М и претходно бил пријавуван за кривични дела од областа на имотот и злоупотреба на службената положба додека неговиот син, за кривични дела од областа на безбедност на сообраќајот./крај/лисица/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

