Македонија
Деветтемина Македонци од Либија пристигнаа во Софија
NULL
Деветтемина македонски државјани, кои вчера побараа помош за враќање од Триполи, денеска пристигнаа на аеродромот во Софија, од каде ќе се вратат во Македонија, информираат од Министерството за надворешни работи. „Македонски граѓани беа пречекани од амбасадорот Ханџиски, сите се во добра здравствена состојба, а по краткиот одмор и освежување ќе бидат транспортирани во Скопје. Амбасадата на Република Македонија во Софија, за овој хуман и пријателски гест изрази длабоко почитување и голема благодарност до бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерот за надворешни работи, Николај Младенов“, рече Борче Стамов, портпарол на МНР. Другата група од 30-тина македонски граѓани се наоѓа на пристаништето во Бенгази, од каде со турски бродови ќе бидат префрлени во Турција, за што е добиена потврда од турските власти. Исто така, група од 10-тина македонски граѓани кои работеле за босанска градежна компанија се наоѓаат во реонот на Триполи, најверојатно ќе бидат евакуирани со лет до Сараево. „Со оглед на насилните протести и демонстрации што се одржуваат на целата територија на Либија, како и можностите за нивно продолжување и ескалирање, препораката на МНР за непатување во Либија, останува“, вели Стамов.Ситуацијата во Либија ја следи и координативно тело, кое стои 24-часа на располагање на засегнатите граѓани. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан договор за соработка во образованието и науката помеѓу Македонија и Турција
Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во сферата на образованието, науката, технологијата и иновациите.
Со Договорот што го потпишаа министрите за образование и наука на Македонија и на Турција, Весна Јаневска и Јусуф Текин, двете држави ќе соработуваат и разменуваат информации и научни публикации во областа на формалното и неформалното образование и ќе поттикнуваат размена на академици, експерти за образование, наставници и ученици од средно образование.
Прифатена е размена на искуства во областа на средното образование, со фокус на стручното, како и обука и квалификации на наставници и доживотно учење, организирање на програми за обука, спроведување на заеднички проекти. Усогласена е размената на искуства во врска со новите образовни технологии, како и во делот на подготовка на наставните планови и програми.
Со Договорот се овозможува учениците да учествуваат на научни и културни натпревари кои што се одржуваат во двете земји, се промовира соработката за развој на заеднички програми како и збратимување на училишта.
Договорено е како изборни предмети да се предаваат „Јазикот и културата на Турците“ односно „Јазикот и културата на Македонците“, во Македонија и Турција, соодветно. Предвидено е и меѓусебно стипендирање на средношколци.
Заедничка работна група ќе се грижи за спроведување на Договорот.
Македонија
Муцунски домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата беа разменети мислења за билатералната соработка меѓу двете земји, европската перспектива, како и за можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите во сите области од заемен интерес.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори.
Двајцата министри ја истакнаа и важноста на националните малцинства во двете земји, нагласувајќи ја нивната улога како значаен фактор во градењето на стабилни, добрососедски и пријателски односи.
Во рамки на разговорите беше отворено и прашањето за регионалната соработка, сојузништвото во рамки на НАТО, како и за актуелните геополитички предизвици со влијание врз безбедноста и стабилноста на регионот.
Македонија
(Фото) Николоски: На автопатот Охрид – Кичево се вршат сложени инженерски зафати, кои првпат се користат во регионот
Првпат на автопатот Охрид-Кичево изведуваме сложени инженерски и градежни зафати и ова првпат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем. Ова го изведуваме за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на работите на автопатот Охрид-Кичево.


„Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери, дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што за жал 11 години откако почнал да се гради овој автопат не биле решавани. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од кои што на 14 ќе имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено”, истакна Николоски.


Вицепремиерот Николоски упати благодарност за посветеноста на сите инволвирани работници, изведувачи и инженери, кои работат на изведбата на овие инженерски зафати и како што потенцира, целта на изградбата на автопатот Охрид-Кичево не е само да се заврши, туку да биде и безбеден патен правец кој што ќе се користи во наредните децении.

