Македонија
Студентите „паднати од Марс“ во компаниите
NULL
Американската стопанска комора денеска ја претстави најновата анкета направена на бизнис заедницата, според која 57 отсто од работодавачите имаат потешкотии при нови вработувања, во време кога невработеноста во Македонија е поголема од 30 отсто.„Компаниите прецизираат дека кога ќе ги вработат студентите тие имаат теоретски познавања, но дека недостасува практична подготовка и дека не се подготвени да влезат на пазарот на трудот. Најчесто компаниите сами ги дообучуваат студентите, за да го научат она што претходно не го научиле“, рече Соња Мекбург, Извршен директор на Американска стопанска комора.Таа додаде дека голем број од компаниите се жалат дека на студентите често им недостасуваат „меките“ вештини, како развивање на комуникациски способности, подготовка на CV-а, тимска работа, кои во Македонија се уште на голем број на факултетите не се изучуваат. „Студентите кога ќе дојдат кај нас се буквално како изгубени, не знаат ништо за компанијата, што треба да направат, од каде да почнат, што треба да научат, што да прашаат, на што треба да се посветат, како да се однесуваат и сметам дека тоа е нешто што треба ние како бизнис заедница заедно со факултетите да се обидеме да го разгледаме, и да направиме некој вид кариерни советници на самите универзитети кои ќе ги подготвуваат овие студенти кои треба да извршуваат практиканска работа“, рече Искра Трајковска од компанијата „Некстсенс“.Борче Давитковски, декан на Правниот факултет во Скопје, смета дека е дојдено времето кога образованието веќе мора да почне да црпи искуства од практиката.„Кога ќе излезе студентот кога ќе ја добие дипломата тој фактички стартува со 10, 15 отсто знаење, тој каде и да работи мора да се надоградува, она како багаж, како знаење кое го извлекува од универзитетот е многу минимално. Тие мора перманентно да се усовршуваат за да можат утре кога ќе конкурираат да бидат конкурентни со овие кои веќе ја имаат таа пракса“, рече тој.Со последните измени во Законот за високо образование студентите ќе мора задолжително да посетуваат пракса од еден месец во одредена компанија за да дипломираат.Според Државниот завод за статистика во Македонија во моментот има 31 986 невработени со високо образование./крај/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

