Македонија
Ивановски: Не се лустрира минатото, се врши пресметка со сегашноста
Врховниот суд ја одби жалбата на поранешниот претседател на Уставниот суд, а сегашен уставен судија, Трендафил Ивановски, со што тој е единствениот функционер за кого е потврдено дека соработувал со тајните служби
По ваквата одлука, која се уште официјално не ја објави Врховниот суд, Ивановски вели дека правдата ќе ја бара пред Европскиот суд за човекови права. За него, со Законот за лустрација не се лустрира минатото, туку се врши пресметка со сегашноста.„Процесот на лустрација не само што не се оствари, туку тој се претвори во кастрација на здравиот ум или тој се сатанизира. Всушност не се лустрира минатото, туку се врши пресметка со сегашноста. Не се прочистува, туку се оцрнува противникот, неистомисленикот. Партиско-политичкиот приод оптоварен со егоистички интереси беше и е срж на идејата за лустрација. Самиот приод беше проследен со безобразлук, ароганција и блеферство, да се изигра процесот“ рече Ивановски.Неговиот случај го оценува како оправдување на лустрацискиот процес и политички линч. Ивановски конкретно не кажа кој му го подготвил, според него, овој политички линч, но сепак алудираше на власта.„Ова уште повеќе ќе се согледа со новодонесените закони со кој се побиваат одлуките на Уставниот суд, како измените и дополнувањата на Законот за лустрација, Законот за пензионирање на полицијата, за високо образование и ред други. Моето присуство во судот некој смета дека може да биде критично за оценката, очекуваната оценка во однос на овие новодонесени одредби за веќе укинати одредби од страна на Уставниот суд“ вели Ивановски.Ивановски по оваа одлука вели дека сепак нема да поднесе оставка, бидејќи не чувствува грижа на совеста. Според него дури и ако Собранието се обиде да поднесе иницијатива за овој случај ќе биде повредено начелото 111 од Уставот. Според овој член, уставен судија може да биде разрешен ако си поднесе оставка, ако е осуден на казна затвор поголема од шест месеци и ако ја изгуби способноста да биде судија.„Ако поднесувам оставка ќе ја поднесев уште во септември. Не чувствувам никаква грижа на совеста, јас ниту прифатив ниту ќе прифатам дека сум бил кодош, дека сум бил соработник. Јас тоа не сум, тоа стои и во досието и во сите документи. Нема уставна основа да поведе постапка за разрешување на уставен судија врз оваа основа“ вели Ивановски.Тој уште еднаш го повтори неговиот став дека за него има формирано политичко досие на репресирано лице, а не соработничко досие.Одлуката на Врховниот суд, Ивановски ја дозна од медиумите, од Врховниот суд, се уште не му ја испратиле одлуката. За него ова постапка е скандалозна. Од Врховниот суд се уште нема подетални информации врз основа на што ја одбиле жалбата на Ивановски и ја потврдиле одлуката на Управниот суд дека Ивановски бил кодош.Трендафил Ивановски е единствениот функционер во Македонија за кого Комисијата за лустрација донесе решение дека бил соработник со тајните служби
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ која нема да е уценувана од никого, за СДСМ и ДУИ во опозиција
„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.
Тој продолжи и додаде: „Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.
Рече дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.
„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски.
Македонија
Мицкоски од Кавадарци: Мобилизација и масовна излезност, колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени
Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.
Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.
„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.
„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.
„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.
„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски.
Македонија
Битиќи: На 8-ми мај да се спротивставиме на политиките на поделби, за сплотена и силна Македонија
„Грешките во владеењето можеме да ги поправиме, но поделбите во општеството нема да ги залечиме доколку на 8-ми мај не се спротивставиме на политиките на раздорот, на национализмот, на сеењето страв. Социјалдемократскиот сојуз е единстваната обединувачка политичка партија за силна и сплотена Македонија – земја и европски дом во кој ќе има место за секого, независно од неговата етничка, религиозна, културна, политичка или социјална припадност“, порача на денешните средби со жителите на Топаана и Шуто Оризари, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој кажа дека резултатите од првиот круг на претседателските избори не треба да се прифатат со малодушност ниту пак да се обесхрабрувачки, туку треба да се перцепираат како предизвик кој во себе носи можност за сплотување на сите прогресивни сили во државата за двојните избори на 8-ми мај.
„Со нашата предизборна програма нудиме повеќе од економски раст и развој, повеќе од повисоки плати и пензии, многу повеќе од европски животен стандард, ние нудиме иднина во која секој граѓанин ќе биде прифатен, почитуван, градиме земја во која ќе владее дијалогот, меѓусебното разбирање, а не раздорот. Затоа на 8-ми мај, победата на СДСМ и коалицијата ќе значи пораз на стравот од различностите, на поделбите. Ќе зачекориме кон заедничка и споделена европска иднина“, порача Битиќи.
Зборувајќи за концептот на едно општество за сите, како суштинска политичка вредност на СДСМ, тој ја нагласи потребата граѓаните да го отфрлат национализмот како свој политички избор, затоа што тој е наметнат избор.
„Ве повикувам заеднички да го отфрлиме национализмот кој е надвиснат над Македонија, да кажеме НЕ на ксенофобијата, да се ослободиме од стравовите и да го прифатиме единството, единството во различностите бидејќи таму лежи нашата сила. Верувам во вас, во граѓаните, верувам дека тоа ќе го препознаете, дека ќе ги отфрлите политиките кои ви се наметнуваат од елити кои немаат што да ви понудат освен да ве туркаат кон минатото и поделбите“, рече Битиќи и додаде дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите, на Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи.
„Нашата сакана земја е на сите нас кои се бориме за европска држава, а кои сме повеќе, многу повеќе од тие што се прикажуваат како победници во првиот круг на претседателските избори. Затоа нема откажување, заеднички, едни покрај други, рамо до рамо, сите различни, продолжуваме и победуваме на 8-ми мај“, порача Битиќи.