Македонија
Протест на воспитувачките и персоналот од градинките
Воспитувачките, негувателките и техничкиот персонал на градинките од општина Карпош и Куманово, незадоволни од својот нерегулиран статус, денеска протестираа пред Министерството за труд и социјална политика, со барање за итно средување на нивниот работен однос
Тие се пожалија дека земаат плата од пет илјади денари месечно и „работат на црно“ со години, односно без договори на неопределено време, не се пријавени и немаат никакви придонеси за социјално и здравствено осигурување.„Имавме средба со министерот Џељаљ Бајрами, тој ни кажа дека стои на својот став дека ќе пушти само 100 решенија на ниво на Македонија, со тоа што ќе биде опфатен и техничкиот персонал, секако помал дел, ние на тоа му кажавме дека сме дискриминирани во тој поглед и дека не се согласуваме околу тоа, меѓутоа како што изјави министерот не било тоа само негов став туку и на директорките“, рече Мицевска Стојанка, претставничка на воспитувачките, кои тврдат дека одобрените решенија не се доволни, бидејќи само на ниво на општина Карпош има 38 луѓе со нерешен статус во градинките.Министерот за труд и социјала, Џељаљ Бајрами, изјави дека неговото министерство се нафатило да го реши овој проблем, и даде ветување дека до 2012 година ќе бидат поделени сите одобренија за вработување.„Договорот минатата година беше да се потрудиме три години по ред, да дадеме по 100 одобренија за вработување на неопределено време, за целиот персонал кој работи во градинките, вклучувајќи ги негувателките, воспитувачките и стручниот персонал. Првата година дадовме сто одобренија за вработување на негувателките и воспитувачките, втората година тоа и го сторивме, дадовме одобренија за вработување. Оваа година во тие 100 согласности кои ќе ги дадеме за вработување на негувателки и воспитувачки, ќе има и 36 за техничкиот и стручниот персонал, а останатите сто остануваат за наредна година“, рече Бајрами.Воспитувачките тврдат дека во општините каде се поставени градоначалници од опозицијата, власта намерно дава помалку решенија за вработување.„Зошто само 10 решенија за вработување се поделија во Карпош, никој не ни одговара на тоа“, вели персоналот од градинките кој денеска штрајкуваше.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

