Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да се вклучи во реализирањето на условите што ги постави
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно упати апел до СДСМ да се врати во Собранието и да се вклучи во исполнувањето и реализирањето на барањата и условите што ги постави
Директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на прес-конференција изјави дека партијата е подготвена да ги имплементира сите легитимни барања кои се во надлежност на законодавната и извршната власт.Тој потсети дека на средбата Груевски – Црвенковски, СДСМ постојано доставувале барања од кои поголемиот дел им биле прифатени.„Наместо да се согласат да се оди на предвремени избори, тие сега измислуваат дека барањата што сме им ги прифатиле биле технички и незначајни.Ако ова биле технички и незначајни барања, тогаш зошто воопшто ги поставувале и дали тоа значи дека поставувањето на тие барања било начин како да се одолговлечи, саботира и оневозможи процесот на распишување предвремени избори“, рече Димовски. Според него очигледен е стравот на СДСМ од соочување со сопствените граѓани, потсетувајќи дека опозицијата бараше предвремени избори.Тој додаде дека однесувањето на СДСМ е срамно.„Ние нема да дозволиме ниту државата ниту граѓаните да чекаат на милоста, суетата и стравовите на СДСМ. Република Македонија не смее да биде заложник на политичката кариера и судбина на која било личност и партија. Затоа апелираме да не се губи непотребно време“, истакна Димовски.Од СДСМ, пак, како одговор на апелот побараа ВМРО – ДПМНЕ да покаже волја за вистински политички дијалог, да ги прифати нивните, како што велат, легитимни барања и да одат на фер и демократски предвремени избори.Во писмената реакцијата од партијата се посочува дека се работи за четири легитимни и разумни барања кои треба да овозможат одржување слободни демократски предвремени избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

