Македонија
Груевски: Ние не бегаме од тоа што сме го ветиле
Ние сме партија што на некој начин воведе не само давање на конкретна програма со рокови и конкретни проекти, туку и отчет на граѓаните.
Ние сме партија што на некој начин воведе не само давање на конкретна програма со рокови и конкретни проекти, туку и отчет на граѓаните.
Ова е изјавата на премиерот Никола Груевски во врска со отчетот на 263 страници кој што денеска беше дистрибуиран преку дел од дневните весници во врска со работата на ВМРО-ДПМНЕ како дел од извршната власт.
Груевски ова го гледа како нова култура во политичкото работење. Со ова според него, граѓаните ќе имаат поголеми очекувања од политичките партии.
„Имаме програма во 2006 и 2008 која што е многу конкретна, со која секој може точно да пресмета што било ветено, до кога било ветено, која цело време е на нашата интерент страница, програма која беше дистрибуирана во стотици илјади примероци до граѓаните и сега дојде време кога поминаа 4, 5 години и дојдоа нови избори. Ние не бегаме од тоа што сме го ветиле. Ние сме прва партија и првпат во историјата на земјата имаме ситуација кога владејачката партија по 4, 5 години владеење излегува пред граѓаните со исто така конкретен отчет, како што беше конкретна и програмата во којашто кажуваме што е завршено од програмата, што е во тек и што не е завршено и што не е започнато“ изјави Груевски.
Овој отчет, според Груевски на секој граѓанин што ќе сака да го даде својот глас по мерливи работи, ќе му овозможи да си ја отвори програмата и да види што било ветено и што било остварено.
„Веќе не може да поминат во Македонија неразумни ветувања, неразумни напаѓања на противникот, без разлика дали тој бил добар или лош. Веќе работите се кристализираат, добиваат еден свој облик и граѓаните имаат веќе изострено чувство за тоа што е можно да се направи, а што не е можно да се направи, затоа што веќе имаат видено и конкретна програма, но и конкретен отчет“
Груевски најави дека освен преку дневните весници, отчеотот ќе се дстрибуира и во други форми. /крај/кс/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Камионџиите ја проширија блокадата на граничните премини, заострените шенгенски правила го блокираа товарниот сообраќај на Балканот
Возачите на камиони од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора денес продолжија со блокадите на граничните премини за товарен сообраќај.
Откако претходниот ден ги блокираа излезите, од полноќ почна и блокада на влезовите во овие земји од Западен Балкан, јавува „Радио Слободна Европа“.
Возачите ги блокираат товарните терминали поради заострените процедури за влез во Шенгенскиот простор. Тие наведуваат дека процедурите сега се покомплицирани и дека им го скратуваат дозволениот престој во земјите на Унијата.
Бараат престојот во Европска Унија да им биде зголемен на четири месеци, наместо досегашните три месеци во период од шест месеци.
Најавуваат дека блокадите ќе траат седум дена доколку претходно не се најде решение.
Портпаролот на Европска комисија, Маркус Ламерт, на 26 јануари изјави дека европските институции размислуваат и работат на пронаоѓање опции кои би овозможиле одредени професионалци, меѓу кои и возачите на камиони, да престојуваат на територијата на Шенгенската зона подолго отколку што тоа го дозволуваат важечките шенгенски правила.
„Свесни сме дека за одреден број професионалци од трети земји кои не се прекугранични работници може да постои потреба да останат во Шенгенскиот простор подолго од 90 дена во рок од 180 дена. Тоа ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеи“, изјави Ламерт.
Тој додаде дека Европската унија е свесна за загриженоста што ја изразиле транспортните оператори во регионот, дека внимателно ја следи состојбата и дека е во контакт со партнерите од Западен Балкан.
Македонија
Просечната плата во здравството е 50.327 денари, од март ФЗОМ најави ново покачување
Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари,просечната плата на медицинските сестри со средно образование е 31.934 денари, а најниска плата во здравството е 21.158 денари.
Овие податоци денеска ги соопшти Фондот за здравствено осигирување. Од таму истакнуваат дека платите во здравството не растат само номинално туку и реално и дека во март е планирано ново покачување.
„Во јавноста се создаваат перцепции дека властите се спротивставуваат на зголемувањето на минималната плата. Сепак, примерот на здравството јасно покажува дека здравствените власти не само што не се пречка, туку активно го поддржуваат зголемувањето на платите во јавното здравство. Најниската основна плата во јавното здравство во 2025 година изнесува 27.158 денари нето и во однос на 2023 година бележи номинално зголемување од 22,2%, додека реалното зголемување изнесува 13,4%. Тоа значи дека растот на оваа плата е за толку повисок од инфлацијата во истиот период. Најниската плата во јавното здравство е за 11,4% повисока од минималната плата во државата. Основната нето плата за медицинските сестри со средна стручна спрема (ССС), согласно гранковиот колективен договор, во 2025 година изнесува 31.934 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 24,5%, додека реалното зголемување е 15,6%“, соопшти ФЗОМ.
Просечната нето плата во здравството, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година изнесува 50.327 денари. Во однос на 2023 година, номиналното зголемување изнесува 15,8%, додека реалното зголемување е 7,5%. Во 2025 година, оваа плата е за околу 9,5% повисока од просечната нето плата во целокупната економија на земјата.
Според ФЗОМ, овие податоци јасно укажуваат дека платите во здравството не растат само номинално, туку и реално.
„Со постигнатиот договор со репрезентативните синдикати, во март 2026 година е предвидено дополнително зголемување на платите во јавното здравство од најмалку 5%, согласно спогодбата од 2025 година која предвидува раст на платите од 5 до 7 проценти. Постои јасна и континуирана посветеност кон соодветно вреднување на трудот на здравствените работници“, велат од Фондот за здравствено осигурување.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.

