Македонија
Графит конференција за излезност на изборите
„Кај што се дели од стадото, волкот гласа“, „Човекот имал став, зошто имал страв да не го крстат црвен или плав“, „Овој пат внимавај Бугарскиот воз, веќе не вози кон власт туку кон затвор“
„Кај што се дели од стадото, волкот гласа“, „Човекот имал став, зошто имал страв да не го крстат црвен или плав“, „Овој пат внимавај Бугарскиот воз, веќе не вози кон власт туку кон затвор“, ова се дел од графитите кои осамнаа утрово пред Клубот на новинари, а имаат за цел да испратат порака граѓаните на 5-ти јуни да излезат и да го остварат своето право на глас.
Во рамките на проектот „За слободното убедување дека властите не треба да ги предизвикуваме“, невладината организација АГТИС организираше обука со познати новинари како да се зајакне улогата на невладиниот сектор.
„Значи изборите ни се една добра прилика да почнеме да ги мониторираме предизборните програми, а веднаш после тоа да се зафатиме со контрола на владеењето, да работиме рамо до рамо со владата“ изјави Александар Цветковски, претседател на АГТИС.
Целта на АГТИС е да се придонесе за поголемо учество на невладиниот сектор во процесите на контрола на владеењето и носењето одлуки на сите нивоа, посебно во осмислувањето и спроведувањето на реформите, кои, за жал, се одвиваат без значајно инволвирање на граѓанскиот сектор.
Новинарката Оливера Трајковска смета дека за некоја активност понекогаш не требаат пари, треба идеја, добри колекции и соработка меѓу невладините меѓу себе.
Според неа, не никаков срам и грев првиот соработник на невладиниот сектор да биде опозицијата, со оглед на нивната застапеност во парламентот.
Во Македонија официјално активни се околу 11.000 невладини организации./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

