Македонија
Груевски вети утврдување минимална плата пред синдикалните лидери
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешната средба со синдикалните лидери вети дека утврдувањето на минимална плата ќе биде дел од програмата на новата владата доколку партијата ја освои довербата на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни
Примиерот Никола Груевски посочи дека висината на минималната плата дополнително ќе се утврдува. „Оваа јавна заложба ќе биде составен дел од програмата за работа на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Процесот на утврдување на висината на оваа плата ќе се спроведе преку институционално преговарање во рамки на социјалниот дијалог помеѓу партнерите: влада, работодавачи, синдикати“, рече Груевски. Ниту синдикалните лидери не излегоа со конкретна бројка колку би изнесувала минималната плата. „Ќе мора да се направи сериозна проценка околу висината на минималната плата, без лицитирање, затоа што мислам дека тоа може да има сериозни последици по вработените во Република Македонија и по економијата“, изјави Дојчин Цветановски, почесен претседател на СОНК. „Ова преставува основа за обезбедување на материјална и социјална сигурност на работниците во Република Македонија“, рече Живко Митревски, претседател на ССМ. Синдикалните лидери ветија заедничка работа со идната влада со цел утврдување на минимална плата на прифатливо ниво. „Сите синдикати сме подготвени да разговараме со цел да се утврди минималната плата и во нашата држава“, рече Раско Мишкоски, претседател на КСС. “Се работи за судбината на работниците. Сметам дека во соработка со оваа влада, со која веќе има разговори, ќе дојде до свој плод. Се надевам дека оваа влада ќе остане, бидејќи никоја од досегашните влади не седна да разговара со нас. Се адевам дека овие разговори ќе дојдат до својот крај“, изјави Слободан Антовски од УНСМ. Неодамна ССМ побара минималната плата во Македонија да изнесува да не биде под 160 евра
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

