Македонија
Кантримен: Честитки за добро организираните избори во Македонија
На брифингот за најновите случувања на Балканот во Националниот клуб на новинарите во Вашингтон, заменикот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија Томас Кантримен го истакна квалитетот на во недела одржаните избори во Македонија.
„Им честитам на граѓаните на Република Македонија на изборите што беа компетитивни, транспарентни, добро спроведени, на кои луѓето излегоа во голем број, се однесуваа мирољубиво и достоинствено. Квалитетот на овие избори во Република Македонија е без преседан“, коментираше Кантримен на прашање на Гласот на Америка на македонски.Тој сепак кажа дека ОБСЕ идентификувала одредени проблеми.„Приоритет за идната влада е да се справи со тие прашања, така што наредните избори би можеле да бидат уште подобри“, рече Кантримен. Затворањето на прашањето за името со Грција, реформите за членство во Европската унија и натамошното спроведување на Охридскиот договор за него се главните задачи што стојат пред идната македонска влада:„Апсолутно веруваме дека ова е вистинското време, веднаш откако ќе се формира новата влада, да се заокружи дискусијата со Грција за името на Македонија. Сметаме дека тоа е на дофат, и може да се стори – по избори е мошне подобро време да се направи вакво нешто отколку пред избори. Со нетрпение очекуваме тоа да се реши, со цел Македонија да продолжи на патот кон НАТО и ЕУ“, рече вишиот дипломат на Стејт департментот. Кантримен е на мислење дека за новата влада е важно да се зафати со некои од прашањата што ги идентификуваше Европската унија како приоритети на патот за пристапување.„Тука спаѓаат владењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите. Ова се клучни прашања доколку Македонија сака да ги исполни стандардите на ЕУ“, вели тој. Со оглед дека годинава се одбележува 10-годишнината од Охридскиот договор, претставникот на Стејт департментот смета дека е потребна искрена и решителна примена на неговите одредби за да им се даде чувство на сите граѓани на Македонија, без оглед на нивната етничка припадност, силно чувство дека се дел од земјата. Говорејќи за регионот во целина, Кантримен подвлече дека целосна интеграција на регионот во ЕУ и НАТО и натаму е заложба број еден за американската влада Апсењето и испорачувањето на Ратко Младиќ во Хаг е голем исчекор не само за Србија, туку и за регионот во правец на помирни води, рече тој. Статусот на Косово е конечен, како и неговите граници. Вели, евентуалното повторно отварање на тоа прашање е опасно за регионот, затоа што само ќе ги разгори националистичките страсти. Според него, нема моноетнички држави во регионот и цврсто верува во тамошните мултиетнички општества како иден дел од ЕУ и НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

