Македонија
„Тигарот“ не кажал пред полицајците зошто до смрт го истепал Мартин

По три дена од убиството министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска излезе пред јавноста и им изрази длабоко сочувство на семејството на момчето кое што во неделата вечерта беше претепано до смрт од страна на припадник на „тигрите“.
По три дена од убиството министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска излезе пред јавноста и им изрази длабоко сочувство на семејството на момчето кое што во неделата вечерта беше претепано до смрт од страна на припадник на „тигрите“.
„Би сакала да изразам длабоко сочувство на семејството на починатото момче и на неговите најблиски. Ние сме свесни дека загубата не може со ништо да се надомести, меѓутоа наша одговорност и обврска беше да го истражиме случајот и оној кој е виновен за овој немил настан да го изведеме пред лицето на правдата“, рече Јанкулоска.
Министерката тврди дека работата ја завршиле брзо и професионално. Според неа, дури во 16 часот во понеделникот на инсистирање на полициските службеници и инспектори кои што работеле на случајот добиле неофицијална потврда од судска медицина дека се работи за смрт предизвикана од насилство.
„До 14 часот следниот ден успеаја да го идентификуваат починатото момче и да го обезбедат осомничениот. За неполни 22 часа беа извршени разговори со над 20 лица, а паралелно беа направени и бројни проверки низ сите системи за утврдување на идентитетот на починатиот. Покрај ова полицијата ги проверуваше и сите шпекулации што намерно и ненамерно беа објавувани преку одредени медиуми за идентитетот на починатиот и притоа беше разговарано за идентификување на четири момчиња на приближно иста возраст кој во системот одговараа на наводен идентитет на лице Даниел од Ѓорче Петров, за кого всушност имаше и протести во тој период“ тврди Јанкулоска.
Припадникот на „тигрите“, Игор Спасов ќе одговара за кривичното дело „убиство“, за кое е предвидена казна според член 123 од Кривичниот законик. Но, со оглед на тоа дека тој се бранел со молчење, не се знае дали обвинителот и истражниот судија ќе одат квалифицирано или се работи за основното дело убиство.
Спасов првично дал изјава во полиција, но потоа во присуство на адвокат одлучил да се брани со молчење. Според она што го кажал, меѓу Спасов и починатото момче настанала вербална расправија, по која Мартин Нешковски почнал да бега трчајќи во правец на оградениот дел од плоштадот Македонија, каде се одржуваше Баскер фест.
Спасов почнал да го брка и во близина на штандот на „форнети“, Мартин паднал, а осомничениот се доближил до него и со употреба на физичка сила му задал неколку удари со тупаници и клоци во пределот на главата и телото. Од овие удари момчето паднало во бессознание, а Спасов го кренал од плочникот и го ставил во седечка положба на една од клупите. Од продавачката на штандот на „форнети“ побарал вода по што почнал да го прска момчето кое и понатаму било во бессознание.
„Набргу потоа осомничениот побарал помош и од двајца полициски службеници што патролирале во близина и се јавиле во итна медицинска помош. Заради можноста поедноставно да пристапи медицинската екипа осомничениот и полициските службеници го фатиле под рацете и го пренеле на тревникот во паркот пред МЕПСО каде што му била укажана помош и обид да се реанимира. Осомничениот заминал од местото и ги оставил полициските службеници да ја обезбедуваат екипата на медицинска помош каде по нивно пристигнување од страна на доктор констатирана е смрт“ рече Јанкулоска.
За неа случајот не е политички и според неа не треба да се сноси политичка одговорност.
За полициските службеници кои му помогнале на „специјалецот“ да го пренесат детето сè уште нема никаква одговорност, иако не го пријавиле случајот во полиција.
„Ќе се испита нивната одговорност, односно инволвираност или на кој било начин поврзаност со случајот. Доколку утврдиме дека има инволвираност на други лица безмилосно ќе реагираме. Ништо не може да надомести друг живот “, рече Јанкулоска.
Случајот бил пријавен многу подоцна од 24 часот како пронајдено тело со непозната смрт
„За жал сведоците, не се одзваа на нашиот апел да помогнат во истрагата и од нив не добивме никаква информација во полза на истрагата и не би сакала тоа да го кометирам. Добро е што успеавме да обезбедиме 20-тина други лица од непосредното опкружување каде што се случил настанот, дел од нив со висок процент на сигурност го потврдија идентитетот“ вели Јанкулоска.
Таа тврди дека специјалните единици подлежат на континуирана проверка на нивната подготвеност, освен физичката подготвеност и познавањето на прописите, кои се правеле двапати годишно, еднаш годишно припадниците на овие единици ги прегледувал и психолог.
Во неделата вечер Спасов крвнички го претепа Мартин Нешковски на плоштадот Македонија. Полицијата два дена молчеше за случајот. Спасов попладнево беше однесен пред истражен судија. крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денеска до вторник топлотен бран во Македонија, се активираат препораките за заштита на населението

Министерството за здравство ја информира јавноста дека согласно прогнозите од УХМР и врз основа на акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025–2030 година, почнувајќи од денеска (петок, 4 јули) се активира фаза 3, што ќе трае до 08 јули, вторник.
На предлог на Министерството, Владата ги донесе следните препораки:
– Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
-Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
-Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
-Активирање на планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување на стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
Мерките имаат за цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност.
Македонија
Рекордна потрошувачка на вода во Скопје, неконтролирано се вадат бавчи и перат автомобили, велат од Водовод

ЈП Водовод и канализација – Скопје, согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода констатира енормно зголемена потрошувачка на водата, особено во попладневните часови.
Конкретно на ден 23 јуни, дневната потрошувачка на вода изнесуваше рекордни 356.000 м3, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител.
Потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени. Воедно апелираат до сите граѓани на градот Скопје на совесно и рационално користење и употреба на водата.
„Апелираме до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk“, велат од Водовод.
Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.
Македонија
Костадиновски на средба со Мартин Памер за предизвиците со кои се соочува Уставниот суд

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски оствари средба со Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија.
Костадиновски го информираше амбасадорот Памер за актуелностите и предизвиците со кои се соочува Уставниот суд и го запозна со приоритетите во неговиот мандат.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од унапредување на соработката помеѓу двата уставни судови за што претседателот Костадиновски предаде покана за претседателот на Уставниот суд на Австрија, Кристоф Грабенвартер.
Амбасадорот Памер истакна дека ќе се заложи за воспоставување на билатерална соработка меѓу двата суда, нагласувајќи дека високо ја цени посветеноста на Уставниот суд на Република Северна Македонија кој има круцијална улога во обезбедување на владеењето на правото и правната држава.