Македонија
Трговците со дрога стануваат се поинвентивни
Над 2.200 кривични дела од областа недозволена трговија со дрога откриени се во изминатите четири и пол години, при што за ова кривично се пријавени 2.565 лица.
Над 2.200 кривични дела од областа недозволена трговија со дрога откриени се во изминатите четири и пол години, при што за ова кривично се пријавени 2.565 лица. Во овој период запленети се околу два тони и шестотини и шеесет килограми разни видови наркотични дроги, 1,6 тони марихуана, 493,8 килограми кокаин, 376 килограми хероин, околу 26 килограми опиум и друго со севкупна вредност на нарко пазарот од над 100 милиони евра.
Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, на отворањето на Втората Меѓународна конференција тематски посветена на “Националните стратегии за борба против трговијата со дрога-намалување на снабдувањето со дрога“, што се одржува во Охрид, јавува Охридњуз.
На конференцијата што ја организираат Министерството за внатрешни работи и Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДЦАФ), учествуваат полициски функционери и експерти на министерствата за внатрешни работи од повеќе земји од регионот и пошироко, како и претставници на повеќе меѓународни организации (Интерпол, СЕКИ, ДЦАФ, и други).
Според министерката Јанкулоска има потреба од вакви средби на кои научно се расправа за проблемот со нелегална трговија со дрога, затоа што како што рече, не е доволно само полициите да се активни, туку е неопходно да се вклучат и експертите од науката кои ќе дадат насоки како да се води таа битка и да се откријат новите форми и методи на дејствување на криминалните групи.
„Сведоци сме дека во последно време откриваме кривични дела кои во минатото биле целосно непознати и во делот на злоупотребата и во делот на недозволената трговија со дрога и неопходно е да се следат трендовите кои за жал ги диктираат криминалците, а институциите треба да бидат чекор пред нив за да можат да им се спротивстават“ истакна Јанкуловска.
Во рамки на дводневната Конференцијата, експертите во повеќе пленарни работни сесии ќе разменат искуства во врска за националните програми и заеднички активности во спречувањето на нелегалната трговија со дрога.
Заклучоците од конференцијата ќе бидат објавени во алманах кој ќе биде од корист на институциите кои се занимаваат со борба против недозволената трговија со дрога, најави директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодороски.
Тој истакна дека Македонија има капацитет да организира редовно вакви конференции во Охрид на кои научни експерти ќе ги изнесуваат најновите сознанија и методи, со цел создавање нова стратегија и методи за борба против трговијата со дрога /крај/охридњуз/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако сѐ било по пропис, зошто Владата не ги објавува листите со патници во авионот, прашува СДСМ
Доколку користењето на владиниот авион од било целосно согласно законите и прописите, тогаш зошто Владата упорно одбива да ги објави листите со патници, прашуваат од СДСМ.
„Што се крие од јавноста? Според Мицкоски, на Јадранско море прво отишол со комерицијален лет со семејството, па го продолжил одморот, па бил на вечера, поради што го прпошутил комерцијалниот лет за враќање па затоа морал да се враќа со владиниот авион од Сплит. Генералната декларација (General Declaration) е задолжителен документ во меѓународната авијација што се доставува за да се идентификува воздухопловот, неговиот екипаж и патниците и мора да се приложи за секој меѓународен лет. Еве, Владата нека ги објави документите, за да видат граѓаните кој се патувал со владиниот авион и колку тоа ги чинело“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека граѓаните го плаќаат авионот, летовите, трошоците за екипаж, одржување и гориво.
„Затоа граѓаните имаат право да знаат: Кој сѐ летал со владиниот авион? Колку точно чинел секој лет?Особено што нема пари за плати, нема пари за 600 евра минимална плата, се кратат 3 милиони евра од пациентите со ретки болести, се кратат 40 милиони евра од земјоделците. Ако сѐ било законски – објавете ги списоците. Ако нема што да се крие – покажете ги документите.Јавноста заслужува одговор“, велат од СДСМ.
Македонија
Наместо празните ветувања од СДС, работниците добија реално повисоки плати, приоритет на Владата е стабилна економија и раст на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на заштитата на работниците и унапредувањето на животниот стандард на сите граѓани, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување стабилна економија во која трудот се вреднува, платите растат, а институциите функционираат одговорно и транспарентно. Со политики насочени кон реален економски раст, создавање нови работни места и почитување на колективните договори, се поставуваат темелите за долгорочна финансиска сигурност.
Со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата, платите бележат реален пораст, а мерките што се спроведуваат се насочени кон подобрување на куповната моќ и стабилизирање на економските текови. Наместо празни ветувања, се реализираат конкретни политики што носат резултати.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, застанавме на страната на работниците затоа што постоеја сериозни проблеми како доцнење на платите, непочитување на колективните договори и обиди минималната плата да се отстрани од формулата за пресметка“.
Таквата промена, како што додаваат, ќе го прекинеше линеарниот раст и ќе ја ослабеше заштитата на илјадници вработени.
„Заедно со синдикатите поднесовме повеќе од 40 амандмани и го спречивме тој процес. Со тоа обезбедивме минималната плата да остане дел од системот, што овозможува со нејзиниот раст да растат и останатите примања“.
Денес, велат, разликата е очигледна. Според оваа партија, по две години управување со државата, не се зборува за барања, туку за реализирани обврски.
„Отворени сме за разговор за минималната плата, но одлуките мора да се носат институционално, преку Економско-социјалниот совет и со пристап што обезбедува економска стабилност.
Работниците заслужуваат стабилност, сигурни договори и политики што даваат конкретни резултати“.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

