Македонија
„Павел Шатев“: Малите партии добија казна на изборите
Малите партии добија казна на овие избори, а се дефинираа македонскиот и албанскиот политички блок со по две партии. Она што е важно е дека треба да се започне со преиспитување на демократската анатомија на политичките партии.
Ова е заклучокот од денешната дебата „Демократските капацитети на политичките партии во Република Македонија“ што ја организираше институтот „Павел Шатев“.
Неуспехот на малите партии експертите го лоцираат во недостигот на внатрешни демократски односи кои би довеле до реална проценка на нивната сила за тоа дали да настапат на изборите сами. Забележуваат дека некои партии немаат лидери со демократски капацитет.
Професорот Димитар Мирчев смета дека оние партии со поразвиен демократски внатрешно – политички живот беа поуспешни на изборите.
„Треба да се преиспита и редефинира положбата на партиите. Нивното влијание врз државните институции сеуште е големо. Дел од партиите ги изневеруваат гласовите на граѓаните. Се создаваат предизборни и постизборни коалиции. Парламентарните состави на крајот од мандатот скоро никогаш не се исти како на почетокот. Затоа не можеме да зборуваме за демократски процеси и за демократизација на партиите. Токму поради отсуството на демократски процеси и лоша проценка пропаднаа и малите партии. Тие погрешија во проценката дека треба да настапат на изборите. Тие се преценија, а дел од нив не ја утврдија одговорноста“, истакна Мирчев.
Малите партии според политикологот Владимир Божиновски ги изгубиле гласачите бидејќи тргувале со нивните гласови.
„Доколку некој формира политичка партија и сака да презентира одредени идеи,тоа ќе му биде многу тешко поради досегашната злоупотреба и изневерувањето на гласачите од страна на малите партии.Се дефинираат македонскиот и албанскиот политички блок со по две партии“, рече Божиновски.
Според проф. Звонимир Јанкуловски евидентна е криза на лидерството во опозицискиот блок, каде како што рече поразот се обидува да се претстави како морална победа.
„Во политиката тоа не е вообичаено. Таму или добивате или губите. Меѓутоа луѓе кои тоа не го научиле низ политиката и низ животот, очигледно ќе се обидуваат вакви флоскули да ги пласираат со цел да го задржи она што го освоил во процесот на изборите. Тоа е самозалажување, креирање свет на илузии во кој се обидувате да живеете и се обидувате да го убедите своето членство“, нагласи Јанкуловски.
Посочувајќи ја опозициската СДСМ, тој рече дека може да се види оти е наследник на една идеолошка матрица која не признава пораз, а создадената партиска структура и амбиент се клонирани од минатото.
„Оваа партија не може да се демократизира од внатре бидејќи е заточеник на една личност“, укажа Јанкуловски.
На СДСМ како што рече проф. Панде Лазаревски му е потребно кадровско и организациско профилирање за да прерасне во стабилна и сериозна опозиција./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

