Македонија
МНР препорачува да не се патува во Атина и во поголемите грчки градови

Министерството за надворешни работи издаде препорака, според која, македонските државјани треба да избегнуваат да патуваат во Атина и останатите поголеми грчки градови, поради немирите предизвикани по протестите против новите владини мерки за штедење.
Министерството за надворешни работи издаде препорака, според која, македонските државјани треба да избегнуваат да патуваат во Атина и останатите поголеми грчки градови, поради немирите предизвикани по протестите против новите владини мерки за штедење.Од МНР се препорачува да се избегнува и присуство на јавни собири.Во препораката се посочува дека на сите македонски граѓани на располагање за информации им стојат Канцеларијата за врски во Атина и конзулатот во Солун.На граѓаните им се препорачува навреме да се информираат за проодноста на патиштата и евентуалните блокади, како и за функционирањето на јавниот превоз и здравствените установи. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фрчкоски реагира: Кривичната пријава е банална, срамна и полна со неправилности

Љубомир Фрчкоски, поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, реагира по кривичната пријава за злоупотреби во службата.
Вели дека власта и Министерството за надворешни работи направило срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за да изврши притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта.
„После голема пауза на проценка дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на НРМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување.
Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало:
– пречекорување на сметките за мобилни (?)
– поправка на возило без дозвола на МНР (?)
– земање на аванс за службено патување (иако целиот аванс е вратен во буџетот, сепак МНР не било задоволено (?))
– вонредни авио билети по повод смртен случај во фамилија (исто така редовно вратени во буџетот), но МНР пак не било задоволно (?)
Според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, Амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени “пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.
Но најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од сукцесија (продажба на објектот на СФРЈ) во Њујорк, кои дојдоа на сметка на Мисијата. Имено, се вели дека наспроти инструкциите на МНР и Финансии не бил ВЕДНАШ уплатени во буџетот сиот износ, туку на неколку рати бил уплаќано (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа) средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде нплатен од нивните сметки. Тоа е обврска и задолжение од финасиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк. Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година дена) е наплатен од купувачот тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но МНР бидејќи нема поим за тоа го обвинува Амбасадорот – не постапил по инструкциите на МНР и Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал не можел. Но тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“, се вели во реакцијата.
Македонија
Љубомир Фрчкоски осомничен за злоупотреба на буџетски пари во САД

Љубомир Фрчкоски, поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при ООН во Њујорк, заедно со уште три лица, е осомничен за злоупотреби во службата.
Според поднесената кривична пријава, Фрчковски како службено лице – шеф на Постојаната мисија при Обединетите нации во Њујорк од 20 април 2022 година до 6 октомври 2024 година, ја злоупотребил службата бидејќи постапил спротивно на инструкцијата од Министерството за надворешни работи од 25 април 2023 година и спротивно на мислењето од Министерството за финансии од 23 јули 2023 година.
На сметката на Постојаната мисија на Македонија во ООН биле уплатени 3.998.721,72 американски долари од заедничка продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк. Од тие пари на сметката на буџетот на Македонија потоа уплатил 3,94 милиони американски долари. Преостанатиот износ во висина од 58.721,72 американски долари, пак, останале на сметката на Постојаната мисија на Македонија во ООН.
„Тој, иако бил должен, паричните средства не ги уплатил на сметка на буџетот на РМ и незаконски и ненаменски ги потрошил на начин што постапил спротивно на правилникот за финансиско и материјално работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, упатството за водење на финансиското и материјалното работење на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија и интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки до ДКП на Република Македонија во странство“, се вели во кривичната пријава.
Се додава дека на овој начин Љубомир Данаилов-Фрчкоски остварил незаконско и ненаменско користење на буџетските средства по основ на земени аванси за службен пат, по основ на помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, по основ на пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и двојни пли плаќања на одредени сметки за телефон, по основ на нерасчистено салдо во касата на Постојаната мисија на РМ при ООН во Њујорк, по основ на направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства од страна на МНР на сметката на Постојаната мисија во Њујорк, по основ на подигнати парични средства од касата на Постојаната мисија за поправка на службено возило, без претходна согласност од МНР.
Според пријавата, причиниле штета на државниот буџет во вкупен износ од 116.576,9 американски долари.
Македонија
Фатон Бејта: Државата напредуваше во европската интеграција во време на СДСМ, сега сме зад сите

После една година од изборите и речиси цела година од мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ заклучокот за меѓународната политика и дипломатијата е поразителен: Ниту едно предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето. Ова го изјави Фатон Бејта од Комисијата за надворешни работи на СДСМ.
„Ветуваа променета и подобра преговарачка рамка за членство во ЕУ, ветуваа подобра меѓународна позиција на Македонија, ветуваа силна надворешна политика и нови меѓународни успеси. Реалноста е сосема спротивна: Македонија има полоша меѓународна позиција, нема подобра преговарачка рамка, закочен е европскиот пат а нема ниту еден меѓународен успех. Наместо подобра позиција за преговори со ЕУ, добивме целосно замрзнување на процесот и блокада на европската агенда“, рече Бјета.
Според него, за време на мандатот на СДСМ, Македонија напредувала во европската интеграција, а денес е зад Албанија, зад Црна Гора, зад сите. Молдавија, рече тој, го завзема местото на Македонија на патот кон ЕУ, ние остануваме назад, заглавени во неизвесност.
Рече и дека посетите на премиерот Мицкоски во САД се сведоа на фотографии од хотелски лобија, ракувања „на нога“ со новинари и неколку бизнисмени – без конкретен бенефит за државата.
Го критикуваше и министерот Тимчо Муцунски, дека за една година не покажал никаков резултат, а единстевниот потег што го направил е партиско-политички чистки во дипломатијата, незаконско отповикување на амбасадори, замена на професионалци со партиски кадри. Сето тоа, според СДСМ, кулминира со обидот за противуставно менување на Законот за надворешни работи, со цел Владата да го преземе и последниот збор во дипломатијата, исклучувајќи го Претседателот на државата.
Се додава и дека Македонија нема амбасадори во клучни европски држави: Франција, Италија, Данска, Белгија, Романија, Унгарија, Естонија. Нема амбасадори во НАТО, Женева, Њујорк. Воедно Владата нема назначено ниту Генерални конзули во важни конзулати како Солун, Мелбурн, Њујорк, Детроит, Торонто. Дури и во Кралството Данска, држава што од 1 јули ќе претседава со ЕУ – Македонија нема предложено амбасадор.
Дипломатско-конзуларните претставништва се речиси нефункционални, а дипломатите сами, без поддршка, се борат да ја претставуваат државата, беше додадено на прес-конференцијата.