Македонија
Новинарки на Утрински: Се испраќа порака до другите колеги да ја слушаат главната уредничка
Отпуштените новинарки на Утрински весник тврдат дека добиле отказ бидејќи учествувале во спонтаниот прекин на работа кој се случи во петокот, кога вработените на Утрински ја стопираа работата
Отпуштените новинарки на Утрински весник тврдат дека добиле отказ бидејќи учествувале во спонтаниот прекин на работа кој се случи во петокот, кога вработените на Утрински ја стопираа работата поради најавите на компанијата која ги издава дека од Утрински ќе се отпуштаат десет новинари.
„Ние сме посочени како поттикнувачи и организатори на протестот зад кој застана мнозинството од вработените, посочени бевме дека не ги извршуваме работните обврски. Меѓутоа, тоа не е точно, јас наредниот ден дојдов на работа и направив две страници од весникот и цела недела пишувам и текстови и коментари и денеска има мој текст во весникот. Во Утрински весник сум 12 години од неговото основање, а денеска ми беше усно кажано дека имам забрана за влегување во редакцијата за да си ги соберам личните работи. Мислам дека со отказите сакаат да испратат порака до колегите кои не се отпуштени од работа да бидат тивки и да ја слушаат главната уредничка и да го згаснат весникот тивко“ изјави новинарката Оливера Војновска, на која заедно со нејзината колешка Билјана Јовановска им беа врачени откази.
„Денеска добивме отказ затоа што го искористивме нашето демократско право да учествуваме во спонтаниот прекин на работа што се случи во петокот. Добивме образложение за отказ без да бидеме сослушани. Образложението е темелено буквално на лагите на главниот уредник. Како да сме припадници на Ал Каеда, во нашата матична редакција ни забрануваат да влеземе. Уредничката ни најавуваше дека ќе добиеме суспензија, па отказ, а меѓудругото ни беше кажано дека сме учествувале и на некоја непријателска телевизија, јасно е на која мислат. Протестот кој се случи во петокот беше поддржан од мнозинството, од 47 вработени само четворица не се сложуваа“ рече Јовановска.
Главниот и одговорен уредник на Утрински весник, Соња Крамарска за Макфакс изјави дека за неа како уредник секогаш е штета кога работи со помал број новинари.
„Јас не сум работодавач;, не отпуштам и не примам новинари. Тоа е одлука на компанијата која ги издава весниците“ вели Крамарска.
Но на прашањето дали имаат поврзаност овие откази со минатонеделниот штрајк, Крамарска вели дека минатата недела нелегално била прекината работата.
„Имаше повици да не излезе весникот. Се случи инцидент“ вели Крамарска. После овој настан, компанијата решила да преземе мерки во врска со овој, според Крамарска, нелегален прекин на работа.
По најавите дека дневните весници „Шпиц“, „Време“, „**** е Ре“ утре ќе излезат за последен пат и отказите што ги добија две новинарки на Утрински весник со реакција излезе и Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија.
„Денеска сме сведоци на страшна порака што ја доби медиумската заедница, дека сме немоќни и жртви на големите игри што се водат преку наш грб. Секоја обид да се побуниме и да проговориме јавно за тоа кои се нашите проблеми, експресно се соочуваме, како што е случајот со колешките од Утрински весник, со откази со, забрани за влез во редакцијата како последица на протестот од минатиот петок“, рече Тамара Чаусидис, претседател на медиумскиот синдикат.
Синдикатот најави и дека ќе ги искористат сите правни средства со кои располагаат и во случајот со весниците кои нема веќе да излегуваат.
„Ние ќе ги искористиме сите правни средства што ги располагаме како Синдикат но, нема да останеме само на тоа. Време е да покажеме солидарност и веднаш ќе се консултираме со нашите синдикални претставништва и нашите членови кои за ова гледаат потреба да се обединиме и да се солидализираме“ рече Чаусидис
Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани најави дека ЗНМ ќе се приклучи кон чекорите на синдикатот, бидејќи новинарската фела не смее да дозволи ова и понатаму да се случува.
Синдикатот за во недела најави прес-конференција на која подетално ќе се соопштат информации за медиумските случувања и за преземање на следните чекори./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната година 2025/2026 година
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната 2025/2026 година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа:
-за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година,
-за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната календарска година,
-за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и
-за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.

