Македонија
Меѓуетничките односи важни за граѓаните , најмногу ги загрижува невработеноста
Мнозинството од македонските граѓани сметаат дека меѓуетничките односи се важни, но мал дел од нив во моментов се загрижени за нив, покажува истражувањето „Квалитет на меѓуетнички односи“, спроведено од страна на Македонскиот Центар за меѓународна соработка
За 78 отсто од граѓаните меѓуетничките односи се важни лично, додека за 86,3 проценти тие се важни за Македонија. Според важноста, пак, за меѓуетничките односи се загрижени се 3,9 отсто од граѓаните и со тоа ова прашање е шесто по ранг по невработеноста, сиромаштијата, економијата, корупцијата и криминалот и влезот во ЕУ и НАТО.Според истражувањето, мал дел од граѓаните ги оценуваат меѓуетничките односи како непријателски. За 33,2 отсто од нив тие се воздржани, 18,4 проценти ги сметаат за ривалски,17,7 отсто препознаваат мирољубива коегзистенција, 16,9 отсто сметаат дека постои меѓуетничка соработка, додека 9,4 проценти ги оценуваат односите како непријателски.Резултатите од истражувањето покажуваат дека најмногу предрасуди и најмногу недоверба постои кон албанската и ромската заедница. Истражувањето „Квалитет на меѓуетнички односи“ е дел од поширока студија на МЦМС за охридскиот рамковен договор. Спроведено е во мај 2011 година преку теренска анализа на национален репрезентативен примерок од 2.087 испитаници и он-лајн анкета со нерепрезентативен примерок од 24 јавни личности во Македонија. Теренската анкета е спроведена од страна на Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦС).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

