Македонија
Црвенковски не верува во скоро решавање на спорот со името
Место за оптимизам во врска со брзото решавање на спорот за името нема, за што вината ја сносат двете актуелни влади на Македонија и на Грција.
Место за оптимизам во врска со брзото решавање на спорот за името нема, за што вината ја сносат двете актуелни влади на Македонија и на Грција. Ова го изјави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Бранко Црвенковски во интервју за новиот весник на македонските иселеници од Канада, „Изгреј зора на слободата“. „Не гледам простор за некаков оптимизам. И двете влади наместо да се посветат искрено и со позитивна волја на решавање на спорот, ова прашање го користат за внатрешно политички цели за самоприкажување за големи патриоти. Притоа, треба да бидеме свесни дека цената што ја плаќа Грција е неспоредливо помала од онаа што ја плаќаме ние“, изјави Црвенковски.Тој истакнува дека за него и за СДСМ прифатливо решение за името би било секое она што нема да се афектира врз идентитетот на Македонците. „За нас клучно прашање е конечното решение да не задира или да не остава простор за оспорување или губење на нашиот национален идентитет. Сметам дека со искрена посветеност можеме да се избориме за такво решение, кое во исто време ќе ни го овозможи интегрирањето во НАТО и Европската Унија“, рече Црвенковски.Лидерот на СДСМ, поранешен премиер и претседател на државата, не смета дека направил грешка што заедно со Глигоров во 1993 се согласиле и донеле одлука за прием на Македонија во ООН под референцата ФИРОМ, потсетувајќи дека тоа биле времиња на војни во опкружувањето и времиња кога Србија на Грција и предлагаше конфедерација и поделба на Македонија. „Да ве потсетам дека тоа е времето кога Милошевиќ јавно му предлагаше на грчкиот премиер Мицотакис конфедерација меѓу Србија и Грција“, изјави Црвенковски во интервју за весникот на Македонците од Канада „Изгреј зора на слободата“. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

