Македонија
Светски ден на Хепатит, во светот околу 500 милиони заболени
Околу еден милион смртни случаи годишно се должат на инфекциите со вирусите на хепатитис (заразна жолтица), а денешниот прв официјален светски Ден на Хепатитис е посветен на подигање на свеста
Околу еден милион смртни случаи годишно се должат на инфекциите со вирусите на хепатитис (заразна жолтица), а денешниот прв официјален светски Ден на Хепатитис е посветен на подигање на свеста и сфаќањето на хепаталните вирусни инфекции и болестите кои настануваат како резултат на инфекцијата.
Хепатитот е инфективно заболување предизвикано од вирусите на жолтица, кое во зависност од типот на вирусот што го предизвикува може да биде од тип А, Б, Ц, Д, Е, како и поголем број други, новооткриени и типизирани групи, објаснуваат од Институтот за јавно здравје.
Најчесто регистрираната заразна жолтица, не само во Македонија туку и во најголем број од земјите во светот, особено помалку развиените и неразвиените земји од третиот свет е заразната жолтица тип А, која се пренесува по фекално-орален пат и кај народот е позната како „болест на нечисти раце “. Од оваа болест најчесто заболуваат децата на предучилишна и училишна возраст.
Вирусната жолтица од тип Б се пренесува преку крв и крвни деривати, преку сексуален однос и од мајка на дете, како и вирусната жолтица Ц, која најчесто се пренесува преку крвта (интравенски корисници на дрога, лица на хемодијализа).
Во Република Македонија хепатитите задолжително се регистрираат од 1956 година, како хепатити (недиференцирани по типот).
Притоа, бројот на заболени од хепатити покажува циклични осцилации, со пораст на бројот на заболени на секои 3-5 години.
Во текот на последните десет години, акутниот хепатит А се регистрира во просек, на годишно ниво со 391 заболени (во 2010 бројот на заболени изнесува 310), со тоа што се регистрираат просечно 245 лица заболени од хепатит кој не е типизиран (неопределен), а кој по епидемиолошките карактеристики е типичен за хепатит А вирусна инфекција.
Вирусните хепатити тип Б се регистрираат со 177 заболени лица просечно годишно во последните 10 години, (во 2010 – 153 случаи), а вирусниот хепатит Ц за истиот период бележи просек од 70 заболени лица, што е иста бројка како и заболените во 2010 година /крај/со/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

