Македонија
Цаноски: Акцијата е темпирана
Пратеникот и претседател на ПЕИ, Фијат Цаноски со писмо до јавноста реагира на уривањето на неговиот комплекс „Космос“, што започна во понеделникот.
Пратеникот и претседател на ПЕИ, Фијат Цаноски со писмо до јавноста реагира на уривањето на неговиот комплекс „Космос“, што започна во понеделникот.
Според Цановски, акцијата за уривање на објектот е темпирана по принципот „хитлеровите кристални ноќи и ноќите на ножевите“, во моментите кога на А1 и се зема фреквенцијата, кога Собранието е на годишни одмори, кога народот е на годишни одмори.
Објектот почнал да се гради во декември 2010 година. Како што објаснува Цаноски веднаш по објавата за градбата и рекламите за ниските цени во комплексот од 790 евра, почнал да добива закани од повеќе градители на објекти на кои им го рушел пазарот.
Набрзо му стигнало предупредување дека 12 м2 во комплексот се на државата и во комбинација со некои други хипотеки му била одземена дозволата цели два месеца. Потоа Второстепената комисија одлучила да му ја врати, како што вели, неправилно земената дозвола.
Тогаш пораката им беше јасна : „Биди со нас, бидејќи ако не бидеш, уште повеќе можеме да ти напакостиме“ пишува Цаноски.
При работата стручни лица констатирале дека нивото на подземните води е значително повисоко од направените Елаборати за Геомеханички испитувања. Поради укажувањата на стручни лица од Градежниот и Архитектонскиот факултет дека со понатамошно слегување на ископите под објектот ќе се намали компактниот носив слој под објектот стручните лица по предлогот го исфрлиле деловниот простор во приземјето, а наместо него да се постави првото подземно ниво на паркиралиштето без никакво менување на бројот на паркирани места.
„Згора на ова објектот предложија да се подигне за половина катна висина за да приземјето (сега новото –првата гаража) биде на ниво над проектираната улица и од таму да бидат сите влезови. За тоа ДОО „Фине“ донесе одлука, а по член 19 од Законот за градење, добија писмена согласност од проектантите и статичарите на конструктивниот дел“ пишува Цаноски.
На 30 мај градежната инспекција дошла на објектот да изврши темелна контрола, но тогаш не направила никакви констатации, забелешки и записници, иако ги мереле висински објектот и неговото ново приземје.
По извесно време, била запрена изградбата на објектот, а кога Цановски побарал одговор за ова од градоначалникот на Гази Баба тој му рекол работата не е од него, туку дека работата е од „горе“!
„Во време кога е донесен Законот за легализација на бесправно изградените објекти со кои се легализираат шупи, куќи, стопански објекти, па дури и објекти на државно земјиште, се урива легален објект со милионска вредност, со уредна документација, од партиски инает, заради некакви минорни отстапувања во висината на приземјето и ништо друго. Ама, зад него стои опозиционен пратеник кој треба да биде показно казнет кој по игра на случајот е и сват на сопственикот на затворената „ТВ – А1“. Мора да признаете дека ова е ептен „случајно“ !?“ пишува Цаноски.
Тој вели дека за штетата која му била нанесена некој ќе мора да одговара пред судската власт. Околу парите за комуналиите и задоцнетите рати Цаноски вели дека ќе зборуваат во судница.
„Точно е да знае македонската јавност дека за тие месеци кога присилно, како и денес, ме запревте да градам, со образложение дека не ми се платени ратите за уредувањето на градежното земјиште. Почитуван Градоначалник замислете ги моите штети за тие месеци на градилиштето, 350 режиски плати на градителите, изгубените купувачи, нарушениот имиџ на објектот кој го градевме со месеци и со огромни финансиски средства платени во медиумите и направените флаери низ целата држава. Пропуштените договори за набавки на градежни материјали во тој временски период. Замислете која ќе биде изгубената добивка само од идното доцнење на објектот за периодот на стопирањето на објектот, а да не зборуваме од досега направените штети од сулудото непроверено и тенденциозно извршување“ вели Цаноски.
Градот Скопје и општината Гази Баба денеска му ја активираа хипотеката на Цаноски за објектот „Космос“. Хипотеката од речиси 11 милиони евра е активирана, затоа што Цаноски не уплатил пет рати по ред според договорот за плаќање на комуналиите, тврди градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски.
Ако Цаноски во следните седум дена не ги плати ратите што ги должи, тогаш ќе му биде одземен заложениот имот.
И денеска продолжи уривањето на „Космос“ поради отстапки во изградбата од основниот проект. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

