Македонија
Георгиевски и Џафери нема да присуствуваат на конференцијата во Охрид
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и почесниот претседател на ДПА, Арбен Џафери, двајца од петтемина потписници на Рамковниот договор, нема да присуствуваат на дводневната конференција во Охрид, бидејќи не се во земјава.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски и почесниот претседател на ДПА, Арбен Џафери, двајца од петтемина потписници на Рамковниот договор, нема да присуствуваат на дводневната конференција во Охрид, бидејќи не се во земјава.
По повод 10-годишниот јубилеј од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, во петок и во сабота во Охрид ќе се одржи конференција на којашто најавено е присуството на актуелниот државен врв, потписниците на договорот и на меѓународните претставници кои ја имаа улогата на олеснувачи во преговорите со коишто се дојде до Договорот.
Конференцијата е во организација на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор.
Организаторите на конференцијата информираа дека со Арбен Џафери разговарале лично и дека тој е надвор од земјава па нема да биде во можност да присуствува во Охрид. На настанот нема да присуствува и Љубчо Георгиевски. Таквата информација била потврдена од неговата ВМРО-Народна партија со образложение дека тој е на подолг одмор и дека ќе се врати наредната недела.
На конференцијата во петок е предвидено да се обратат шефот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот задолжен за Рамковниот договор, Муса Џафери, досегашниот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер, Џејмс Пердју, олеснувач на Охридскиот договор, Ален Ле Роа, тогашен генерален потсекретар за мировни операции при Обединетите нации, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
Во сабота на конференцијата треба да говорат Ралф Брет, раководител на ОБСЕ мисијата во земјава, Питер Соренсен, раководител на Европската делегација во земјава, Брајан Агелер, вршител на должност амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Ивон, амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Македонија, Питер Фејт, Специјален претставник на ЕУ и Меѓународен цивилен претставник за Косово, но неговото присуство сé уште не е потврдено и, Никола Поповски, министер за надворешни работи.
Оваа конференција е дел од одбележувањето на десетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.
Охридскиот рамковен договор е спогодба за внатрешното уредување на малцинските права во Република Македонија, потпишан на 13 август 2001 година. меѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии, и специјални претставници на ЕУ и САД.
Охридскиот договор е склучен во текот на ескалацијата на насилства меѓу терористите од албанска националност и македонските бранители во конфликтот во 2001-та.
Преговорите се одвиваа во резиденцијата „Вила Билјана“ во Охрид текот на јули и август 2001, каде што е и парафиран договорот на 10 август 2001, па оттаму името Охридски договор.
Преговорите траеја речиси цел месец и во нив учествуваа тогашниот претседател Борис Трајковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, лидерот на ПДП, Имер Имери, лидерот на ДПА, Арбен Џафери потоа претставници на ЕУ, Франсоа Леотар и Хавиер Солана, претставниците на САД, Питер Фејт и Џејмс Пердју, разни советници и експерти.
По завршувањето на преговорите во Охрид, на 13 август во Скопје договорот го потпишаа: Трајковски, Георгиевски, Црвенковски, Џафери, Имери а како гаранти на договорот се потпишаа специјалните претставници Леотар и Пердју./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Укинување на техничка влада, криминал, корупција, Груевски, се враќаме во 2016 година, велат од СДСМ
Сѐ она што го говореше СДСМ во изминатиот период се потврдува, велат од оваа партија.
„Власта сака да ја укине техничката Влада, единствената можност за чесни и фер избори. Да се влијае на слободната волја на граѓаните а опозицијата да не види што се прават по министерствата.
Криминалот и корупцијата цветаат. 161 тендер за само една фирма, 51 тендер за омилената компанија на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со еден вработен, 1,2 милиони евра преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ, а одговорност нема.
На листата на Транспаренси интернешенал, Македонија е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија“.
Според СДСМ, повторно се враќа времето кога парите на граѓаните се трошат само за богатење кликата на Мицкоски во врвот на власта и за луксузирање.
„Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати, сака да купува авион од стотици милиони евра за нови туристички патувања. Исто како Никола Груевски кој со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Паралелено, власта свесно ја води земјата кон намерна изолација за да може да течат криминалните тендери зад грбот на народот.
Се подготвува враќање на Никола Груевски. Преку дискредитација на предметите од СЈО и релативизирање на пресудите за нивно поништување. Организиран обид со помош на медиумите на Орбан кој контролира 40%, за да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва“.
Од опозициската партија со оценка дека се враќаме во 2016 година.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите
Македонија
До крајот на денот претежно облачно, утре со повремен локален дожд во утринските часови, преку денот со сончеви периоди
Времето до крајот на денот ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Утре ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

