Македонија
Меѓународен ден на младите
По повод одбележувањето на меѓународниот ден на млади преку Невладината организација „Младите можат“ на тема „Дијалог и меѓусебно разбирање“ се вклучи во глобалното прославување на Интернационалната година на млади според Обединетите Нации.
По повод одбележувањето на меѓународниот ден на млади преку Невладината организација „Младите можат“ на тема „Дијалог и меѓусебно разбирање“ се вклучи во глобалното прославување на Интернационалната година на млади според Обединетите Нации. „Неинвестирањето во нашата младина е погрешна економија, инвестициите во младите луѓе ќе донесат големи придобивки и подобра иднина за сите нас. Освен што денес го одбележуваме денот на млади, го одбележуваме завршетокот на годината на млади ’Наша година, наш глас’ која беше на темата : „Дијалог и меѓусебно разбирање“, изјави координатор на проектот „Наша година, наш глас“ Ирина Јаневска. Таа додаде дека од април до денеска се случиле четири работилници кои употребуваат техники на неформално образование со цел да се оствари контакт со себе и помеѓу младите коишто доаѓаат од различни културни меѓуетнички заедници.„Во рамките на тие работилници дел од нив кои употребуваа техники како театарски техники во функција на младински активизам што резултираа со јавен настан наречен „Фриз“ коишто се случи на 21 мај во Скопје“ вели Јаневска. Настанот со наслов „Сопри го моментот и промени нешто“ интепретираше визуелни пораки дијалог, култура и љубов напишани на локалните јазици, пренесе порака дека младите се тие кои можат да делуваат и да го променат светот. „Ние се обидовме да промовираме една порака дека младите треба да веруваат дека можеме да живееме заедно не еден до друг, туку еден со друг“ рече Јаневска. Една од членовите на невладината организација „Младите можат“ Елена Граматикова која учествуваше во проектот „Наша година, наш глас“ изјави дека имала можност да се запознава, соработува и другарува со младите во Македонија од другите националности. „Имавме прилика да си поставиме многу искрени прашања да си дадеме искрени одговори што не така често се случува. Да погледнеме во себе, да погледнеме во се она што се случува меѓу нас и да видиме дали има некаков начин за тоа да го подобриме“ вели Граматикова. Претседателот на невладината организација „Младите можат“, Нина Павловска ги соопшти заклучоците кои резултираа со голема потреба меѓу младите да воспостават контакт со тоа што ќе се овозможи кршење на предрасудите, стереотипите и дискриминацијата кои се чести кај младите, како и градење на позитивни културолошки и социолошки вредности во Македонија.„Се соочивме со предизвици и проблеми со јазичната бариера, па со прашањата за меѓуетничкиот однос кај нас, но успеавме да ги надминеме со креирање на безбедна средина каде младите можат да се истражуваат и себе и на другите да поставуваат отворени прашања “ изјави Павловска. Вечерва со почеток во 20.30 часот во културниот центар „Креактив -Скопје“ здружението „Младите можат“ организира јавна дискусија „Младински активизам – практики и препораки за подобрување на меѓуетничкиот дијалог“. По повод денешниот ден Дани Димитровска одржа концерт во Охрид на плажата Куба Либре каде што истовремено упати порака дека младите можат да го променат светот. Димитровска е заштитно лице на Y-PEER младинската мрежа составена од 20 невладини организации кои работат на унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје.Денот на младите започнал да се прославува во 2000 година низ светот преку концерти, работилници, културно историски настани, работни средби и други настани кои се организираат во чест на овој ден, а во Македонија за прв пат се одбележа во 2007-та година под мотото „Биди виден, биди чуен“ младинско учество за развој. /крај/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.
Македонија
Димитар Апасиев по лидерската средба: До јуни можен нов Изборен законик, се разговара за една изборна единица
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба изјави дека, изненадувачки, за првпат станувало збор за конструктивен состанок, на кој начелно било договорено до крајот на пролетта, односно до јуни, да се донесе нов Изборен законик.
Како што рече Апасиев, на средбата се дискутирало за различните модалитети на изборниот модел – воведување една изборна единица, со или без изборен цензус, како и за можноста за отворени или затворени листи. Тој најави дека комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието, заедно со дел од министрите во Владата.
На лидерската средба било разговарано и за укинување на техничката, односно Пржинската влада, и тоа во две варијанти – или веднаш, или не на наредните, туку на парламентарните избори по нив, во зависност од ставот на СДСМ.
Како последна политичка тема, Апасиев наведе дека се разговарало и за изборот на Народен правобранител, при што Левица предложила, како што рече, „соломонско решение“.
„Тоа е припадник на ромската заедница да биде избран бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги на власта – ниту министри, ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија која треба да ѝ припадне на ромската заедница“, изјави Апасиев.
Левица ги наметнала прашањата за минималната плата, која, според него, е оправдано барање на работниците и синдикатите, како и за апанажа и патни трошоци на пратениците и јавните функционери.
„И за овие две теми не наидовме на разбирање. Иако имаше различни варијанти кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.
Како дополнително прашање отворено од Левица, Апасиев наведе дека било разговарано и за обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но, како што истакна, за тоа немало слух.
Македонија
Движењето ЗНАМ е за укинување на Пржинската влада и воведување една изборна единица
На денешната лидерска средба, одржана на иницијатива на претседателот на Владата, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија беше претставено од генералниот секретар на партијата и министер за јавна администрација Горан Минчев, како и од координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски.
Движењето ЗНАМ ја поздравува иницијативата за одржување лидерска средба како одговорен и државнички чекор, насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во период кога пред државата стојат клучни одлуки од стратешко значење.
Во однос на Законот за Влада и постоењето на техничката, односно таканаречената Пржинска влада, ставот на Движењето ЗНАМ е јасен – таа треба да биде укината.
„Таканаречената Пржинска влада беше воведена како привремено решение и со јасна задача. Денес таа е анахрона и претставува кочница за функционирањето на институциите. Македонија има капацитет самостојно да организира кредибилни избори и затоа ова решение мора да биде укинато“, изјави Бобан Карапејовски, координатор на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
По однос на Изборниот законик, Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа со воведување една изборна единица, која ќе обезбеди еднаква вредност на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Истовремено, ЗНАМ инсистира на јасно и транспарентно уредување на финансирањето на политичките партии.
Во делот на реформските закони од областа на правосудството, како и останатите закони од реформската агенда, Движењето ЗНАМ дава силна и недвосмислена поддршка, со јасен повик за политички консензус околу овие прашања, како предуслов за владеење на правото и европската иднина на државата.
Во однос на изборот на Народен правобранител, ставот на ЗНАМ е дека оваа функција мора да ја извршува лице со висок професионален и морален интегритет, кое ќе биде вистински и независен заштитник на правата на граѓаните.
Дополнително, Движењето ЗНАМ се залага за побрзо донесување на Законот за прекршоци, со што ќе се зајакне правната сигурност и безбедноста на граѓаните.
„Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост и одговорност. Потребни ни се храбри, но државнички одлуки, изборни и правосудни реформи и јасен консензус околу европската иднина на Македонија. Интересот на државата и граѓаните мора да биде над сè“, посочи Карапејовски.

