Македонија
Опозициските партии: Груевски се пресметува со неистомислениците
Влада на Никола Груевски, продолжува со принципот „кој не е со нас, треба да се уништи“, прави ненадоместлива штета врз демократските процеси во Македонија и создава досега незапаметена пракса на брутална пресметка со политичките не истомисленици.
Влада на Никола Груевски, продолжува со принципот „кој не е со нас, треба да се уништи“, прави ненадоместлива штета врз демократските процеси во Македонија и создава досега незапаметена пракса на брутална пресметка со политичките не истомисленици.
Ова го истакнаа политичките партии од Опозицискиот фронт по денешната заедничка средба која беше одржана на барање на Партијата за европска иднина (ПЕИ).
Тие се согласија дека сите оние кои не се истомисленици со Власта се затвораат, тука го посочија апсењето на Љубе Бошковски, згаснувањето на А1 телевизија и трите весника, лустрацијата против директорот на Институт отворено општество, Владимир Милчин и рушењето на објектот “Космос“, сопственост на претседателот ПЕИ и пратеник од опозицијата, Фијат Цановски.
„Никола Груевски, наместо да ги поправи своите политики, наместо да сфати дека на последните избори огромен број на граѓани гласаа токму против ваквата политика на поделби, сеење страв, омраза, апсења и закани, реши да го продлабочи постоечкиот општествен јаз во Македонија“, се вели во соопштението од опозицискиот фронт.
Тие најостро се спротивставуваат на политички пресметки од страна на власта и злоупотребата на институциите за политичка елиминација и истакнаа дека, доколку не се смени оваа пракса ќе ги употребат сите расположливи средства за политичка битка и демонстрирање на граѓански отпор.
На ова реагираа ВМРО-ДПМНЕ при што го прашуваат опозицискиот фронт дали државата треба да ги дозволи кривичните дела што ги прават штитеници на опозицијата.
„Точно е, ние правиме поделба, но исклучиво поделба на луѓе кои го почитуваат и не го почитуваат законот и не чуди како дури два месеци после изборите, не разбирате дека вашите политики беа поразени и заради тоа вашиот денешен состанок се вика состанок на т.н. опозициски фронт, а не седница на Влада“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. /крај/со/мт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

