Македонија
Состојба на патиштата за среда

Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива нормално без забрани по суви и чисти коловози.
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива нормално без забрани по суви и чисти коловози. На возачите им се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Особена внимателност низ клисурите и планинските превои, поради можната појава на поситни одрони. Од 12.08.2011 година започна реконструкција на автопатот Е – 75 од Катланово до Велес. На повеќе места се изведуваат работи на пат, асфалтирање и други поправки на коловозот, за што ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Препорака за возачите кои ќе го користат овој патен правец да бидат крајно внимателни, да ја намалат брзината на возење, бидејќи на повеќе места ги очекува движење на работници и градежни машини.Интензитетот на сообраќај во утринските часови е зголемен на патните правци надвор од градските средини.На граничните премини нема подолги чекања за влез и за излез од државата. /крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска потпиша протокол: Македонија и Турција ќе разменуваат наставно – научен кадар, ученици и студенти

Македонија и Турција ќе потпишат протокол за соработка во областа на науката, технологијата и иновациите. Дефинирањето на содржината на документот е во финална фаза и за истиот се дискутираше на денешната средба помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и турскиот амбасадор Фатих Улусој.
„Двете страни изразија подготвеност процесот да биде заокружен до крајот на годината, а потпишувањето на протоколот ќе ги зајакне односите помеѓу двете држави и ќе обезбеди поголема соработка помеѓу образовните и научните установи, размена на наставно – научен кадар, ученици и студенти“, велат од Министерството за образование.
За време на средбата, министерката Јаневска го претстави концептот за основање на првиот технолошки парк во Скопје, а турската страна изрази подготвеност да ја поддржи реализацијата на оваа идеја преку претставници на турската бизнис заедница во Македонија.
На средбата се зборуваше и за унапредување на наставата на турски јазик во Македонија која ја следат над 8000 ученици, преку повеќе обуки за наставникот кадар и вложување во додатни наставни помагала и опрема.
Македонија
Ноќеска Итната помош 13 пати интервенирала во Трубарево, едно лице е пренесено на Токсикологија

Во текот на изминатата ноќ заклучно со попладнево во реонот на Трубарево се извршени 13 интервенции од Итната медицинска помош, при што едно лице е транспортирано во болница и извршен е транспорт на неподвижно лице до друго населено место, извести денес министерот за здравство Азир Алиу.
„Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб кој веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите“ вели министерот Алиу.
Директорот на Клиника за токсикологија, Арѓенд Имери, извести дека пациентката која во текот на ноќта е примена на Клиниката за токсикологија е во добра состојба.
Пациентката имала и други пропратни симптоми и од тие причини е задржана на лекување, но сега е во добра состојба.
Директорот Имери кажа дека денес амбулантски биле прегледани и пуштени дома уште тројца пациенти.
Македонија
Со дрон најдени и спасени тројца мотоциклисти, кои се изгубиле на планината Осогово

Вчеравечер, во полицијата во Штип, Регионалниот центар за гранични работи Исток пријавил дека тројца мотоциклисти, македонски државјани, пријавиле дека се изгубени на планината Осогово, над селото Саса, општина Македонска Каменица, во близина на државната граница со Република Бугарија. Мотоциклистите побарале помош преку бројот 112.
„Остварен е контакт со лицата и лоцирани се во шумскиот предел на непристапен терен на оддалеченост од 1.000 метри, над манастирот ‘Св. архангел Михаил’ во селото Саса. Со помош на дрон од Регионалниот центар за гранични работи Исток лицата се пронајдени во добра здравствена состојба и донесени се во Македонска Каменица, каде што е утврдено дека се работи за Г. Д. (38) од Скопје, К. Н. (38) од Гевгелија и Д. П. (31) од Скопје“, соопшти МВР.
Мотоциклистите не побарале лекарска помош, туку, по спасувањето, си заминале со мотоциклите.