Македонија
Жолчна собраниска расправа за новите членови на Советот за радиодифузија
Почна собраниската расправа за избор на шест нови членови на Советот за радиодифузија.
Почна собраниската расправа за избор на шест нови членови на Советот за радиодифузија.
Пратениците влегоа во жолчна дискусија уште во расправата за првиот кандидат Зоран Трајчевски, предложен од страна на претседателот Ѓорге Иванов. За опозицијата, денешната расправа е резултат на, како што рекоа, политичкиот пазар меѓу Никола Груевски и Али Ахмети при составувањето на новата влада и дека со предложувањето на шестте кандидати, се врши партизација и контрола на ова регулаторно тело.
„За жал, господинот Зоран Трајчевски е предлог за член на Советот за радиодифузија, како последица на политичкиот пазар на Груевски и Ахмети. Пазар каде што Ахмети се бореше за амнестија на оние што сториле злосторство против човештвото, а Груевски се залагаше за агресија врз медиумите. Денес Трајчевски треба да се избере за гласачка машина за желбите на Груевски да се пресмета со медиумите кои мислат со своја глава“, рече Јани Макрадули од СДСМ.
„Речиси целиот негов работен век е посветен на оваа област, а исто така, и она што е негово формално образование е дел од оваа област, така што е апсолутно квалификуван човек за оваа работа“, рече Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
За власта, пак, изборот на новите членови на СРД ќе значи зајакнување на улогата на ова тело, а не негова партизација.
„Не е причината за измените во Законот за радиодифузија тоа. Напротив, тоа што во секој извештај на Европската Комисија во последните неколку години СРД е посочуван како најслаб елемент во функционирањето на таа проблематика. Нема извештај на Европската Комисија каде што не е потенциран слабиот капацитет на Советот за радиодифузија“, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не правиме муабет за остручување на советот, туку за партизирање. Што мислите, зошто станал тој претседавач на советот на Општина Аеродром како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ? Заради тоа што има завршено енергетска ефикасност? Не, туку оти бил член на ВМРО-ДПМНЕ. За тоа зборуваме“, одговори Макрадули.
Претходно, собранието не го прифати барањето на опозицијата за повлекување на точката од дневен ред. Тие во предложувањето на кандидатите препознаа и процедурални недостатоци.
“Кандидатите на ЗЕЛС, не само што не се избрани во коректна процедура внатре во рамките на самата асоцијација, туку и нивните имиња не се објавени во два дневни весника што преставува законска обврска и согласно одлуката, господине претседателе, вие сте ја потпишале. Тоа ЗЕЛС го нема направено и го доведува во прашање, не само легалитетот и легитимитетот на нивните кандидати, туку генерално на сите останати кандидати, бидејќи ние расправаме по една точка, за секој кандидат поединечно и гласаме за секој кандидат поединечно“, рече Игор Ивановски од СДСМ.
„Ова се предлози на Претседателот на Република Македонија. Кога ќе дојдат на ред предлозите на ЗЕЛС, тогаш ќе расправаме. Ве молам да бидеме коректни и да не ги мешаме лончињата“, одговори собранискиот претседател Трајко Вељаноски.
За нови членови на СРД, покрај Трајчевски, е предложен и Селвер Ајдини како кандидат на Претседателот на државата. Директорот на државниот испитен центар, Методија Јанчески е предложен од страна на Државната Комисија за спречување на корупција, Методи Стоименовски од ЕЛЕМ доаѓа како предлог на Комисијата за заштита на конкуренцијата, додека ЗЕЛС за нови членови на СРД ги предлага Лазо Петрушески од Електротехничкиот факултет и новинарот Замир Мехмети. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

