Македонија
Одбележани 101 година од раѓањето на Мајка Тереза
На спомен плочата на плоштадот „Македонија“ со положување на цвеќе и палење свеќи беа одбележани 101 година од раѓањето на блажената Мајка Тереза.
На спомен плочата на плоштадот „Македонија“ со положување на цвеќе и палење свеќи беа одбележани 101 година од раѓањето на блажената Мајка Тереза. Најпозната хуманистка во светот, Гонџа Агнеса Бојаџиу е родена во Скопје на 26-ти август 1910 година. Почина на 5-ти септември 1998, а во 1979 во Осло ја доби Нобеловата награда за мир. „Денеска е голем ден, убав ден. Ден на раѓањето на Мајка Тереза, на Гонџа Бојаџиу која пред 101 година се роди, на овој свет дојде токму на ова место во Скопје. Овде во непосредна близина била нејзината родна куќа кадешто живееше 18 години. Го заврши основното и средното образование, а 1928 година замина за далечната Индија, по божјите патишта за да им служи на луѓето, на оние кои се молат за Господ, за здравје, за мирољубие, за хуманост, за солидарност“ изјави Стојан Тренчевски, претседател на здружението „Мајка Тереза“. По тој повод беа објавени и добитниците на наградите на статуетките Мајка Тереза и почесните посланија за 2011 година. Посланија за хуманост ќе добијат: филозофски факултет на УКИМ „Св Кирил и Методиј“ Институтот на социјална политика и работа Мајка Тереза. Тоа е научна образовна институција во родниот град на Гонџа Бојаџиу, каде се образуваат кадри посветени на хуманоста, солидарноста и добрината и е одбранет првиот докторат во светот посветен на благородната мисија на единствената нобеловка родена во Скопје, Мајка Тереза. Народниот омбудсман на Република Македонија Иџет Мамети и д-р Антонио Георгиевски кардиолог и автор на книги. Статуетки ќе добијат: Дејан Зафиров, мисионер на хуманоста, државниот правобранител Оливера Китановска, народните уметници Драган Мијалковски, Димитар Мице Димитров, Бени Шакири, специјалното училиште „Иднина“ и новинарката, хроничар на ангелот Тоше Проески, Валентина Горгиевска. Наградите ќе им бидат врачени од градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски на денот на упокојувањето на Гонџа Бојаџиу на 5-ти септември, во спомен куќата на Мајка Тереза.Вечерва по поводот 101 година од раѓањето на Мајка Тереза ќе биде прикажана изложба со фотографии од архивата на ватиканскиот весник „L’ osservatore Romano“ во Спомен куќа на Мајка Тереза и премиера на видео запис од церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда за мир на Мајка Тереза во 1979 година. /крај/пк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

