Македонија
Работодавачите: Невработените бараат работа да не ја најдат
Работодавачите во Македонија сметаат дека бројката на невработени во државава не е реална и дека е голем бројот на оние „кои бараат работа да не ја најдат“.
Работодавачите во Македонија сметаат дека бројката на невработени во државава не е реална и дека е голем бројот на оние „кои бараат работа да не ја најдат“.
„Морам да кажам дека се повеќе се чувствува парадоксален момент во економијата. Имено, се бараат работници, нема ни за металната, нема ни за прехранбената, машинската, градежната индустрија, а од друга страна имаме неверојатно голем број на невработени. Што значи дека најверојатно имаме слика којашто не ја одразува состојбата на невработеноста или пак тие што бараат работа, бараат да не ја најдат“ , рече Димитар Стојановски, претседател на работодавачите на Македонија по денешната средба со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Стојановски додаде дека со самото тоа што не прифаќаат работа се создава еден впечаток дека младите се ориентирани да пробаат нешто друго или да одат надвор од државата.
Работодавачите кои по средбата рекоа дека министерот веднаш ги прифатил нивните предлози, соопштија дека побарале мерки во делот на реално евидентирање на вработените и во делот на подобрување на бизнис климата.
„Договоривме приоритетни мерки за сузбивање на нелојалната конкуренција во рамките на бизнис заедницата и подобрување на статусот на работниците односно одговорноста на работодавачите кон подобрување на условите за самите работници“, рече министерот Ристовски.
На новинарско прашање во врска со утврдувањето на висината на минималната плата претседателот на работодавачите рече дека ќе чекаат да видат што ќе договори социјалниот совет.
„Во четврток ќе има економско социјален совет кој што ќе расправа за начинот на утврдување на минималната плата и се надеваме дека од таа седница ќе произлезат конструктивни заклучоци. Треба да се оформи и работна група. Да не биде тоа пазарење, да бидат реално согледани состојбите и на едната и на другата страна“, рече Стојановски./крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера
Во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ денес и утре во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера. Студенти од Македонија и повеќе други земји презентираат свои трудови и дебатираат за најновите трендови во технолошкиот развој, а собирот го отвори министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која посочи дека вакви настани ја потврдуваат посветеноста на академската заедница кон развој на знаењето и критичката мисла – две вредности без кои нема напредок ниту одговорен однос кон иднината.
„Јасно е дека современата технологија, а особено вештачката интелигенција во поново време е неразделен дел од секојдневието и сите професии. Создава нови можности за напредок, но истовремено поставува и низа прашања на кои мораме одговорно да пристапиме, а одговорност најмногу се очекува од младите, затоа што се најголеми носители на дигиталното знаење, но и оние кои први ги забележуваат неговите ограничувања“, рече Јаневска.
Министерството за образование и наука, велат од таму, активно работи на создавање услови што ќе овозможат младите да стекнат релевантни дигитални компетенции и практични вештини. Преку модернизација на наставните програми, опремување на образовните установи со современа технологија, поддршка на истражувањата и поттикнување на иновациите, како што рече министерката, се стремиме да создадеме образовен систем кој ќе одговори на потребите на новото време.
“Покрај техничките знаења, сакаме да го поттикнеме и критичкото размислување, креативноста и етичката свест кај младите луѓе, затоа што тие се основа на вистинскиот напредок“, додаде Јаневска, посочувајќи дека истражувањата, идеите и препораките што ќе произлезат од симпозиумот ќе бидат вреден придонес кон заедничките напори за изградба на подобар дигитален свет во кој технологијата ќе служи на човекот, а не обратно.
Македонија
Лога: Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти
Северна Македонија е единствената земја во Европа која сѐ уште нема биометриски лични карти, реагираат од Алијанса за Албанците.
„Овие документи лесно се фалсификуваат и можат да се злоупотребат, особено во изборните процеси (процесот на прислушувањето докажа такво нешто), со што се загрозува изборниот резултат, чесноста на процесот, но и безбедноста на државата, вклучително и на регионот (имајќи ја предвид слободата на движење на Западен Балкан со лични карти)“, истакнува Кренар Лога, потпретседател на АА.
Доколку постои итност во земјата, нагласува тој, тоа е трансформацијата на сите овие лични документи во биометриски.
Македонија
Гаши-ДИК: во фокусот одржувањето на повторени избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Центар Жупа
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари работна средба со претставници на Државната изборна комисија: Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија; Абдуш Демири, потпретседател на Комисијата и Александар Даштевски, член на Комисијата.
Средбата ја организира претседателот на Собранието во функција на членот 132-а од Изборниот законик, согласно кој треба да се одржат повторени избори за градоначалници на Општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша и Центар Жупа. Ова од причина што условот од членот 132 став (2) од Изборниот законик – да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список, не е исполнет во овие Општини.
Средбата помина во конструктивна атмосфера и беше оценета како позитивен пристап на институциите кога станува збор за прашања што се од интерес на државата, во конкретниов случај Собранието и Државната изборна комисија. Повторувањето на изборната постапка во наведените четири општини ќе биде поизвесно по одлучувањето на Државната изборна комисија по поднесените приговори, што може да влијае на објавувањето на конечноста на резултатите од Локалните избори 2025.
На крајот, присутните искажаа заемна благодарност за одржаната средба и продолжување на меѓусебната соработка за прашања што се од важност како за двете институции, така и за државата во целина.

