Македонија
Дали пожарите во Битола се дело на дрвната мафија?
Нов пожар изби вчера околу 17 часот во Битолско, на потегот меѓу селата Ротино и Горно Српци, единствено место кое годинава не беше опожарено. Освен пожарникарските служби во гаснењето на пожарот учествуваа и јавните
Нов пожар изби вчера околу 17 часот во Битолско, на потегот меѓу селата Ротино и Горно Српци, единствено место кое годинава не беше опожарено. Освен пожарникарските служби во гаснењето на пожарот учествуваа и јавните претпријатија, Дирекцијата за заштита и спасување, Македонски шуми. Граѓани кои имаат викенд куќи во овој дел дојдоа да ги заштитат. Револтирани од случувањата ги искажаа своите сомнежи.
„Пожарот е подметнат, ова е договорен бизнис. Другата страна кога ја изгореа испадна дека нема добра кубикажа доволна за добар бизнис и сега се настрвија на другата страна во реонов што е кај Ротино и Горно Српци. Се обидоа претходно, го подметнаа ама веднаш беше изгаснат и не го зафати крупното дрво што беше нивни интерес. Јас не можам да разберам имам намера да поднесам и кривична пријава за несовесно работење против сите институции кои имаат тука надлежност“ вели Методиј Лалевски.
„Вчера сабајле почнаа две групи да сечат дрва од опожарените, се јавив кај шумарот тој ми вели тоа е наредба од инспекторот. Кој инспектор ,не знам. Цело време сечеа до сабајлето кај 6 часот уште беше ноќ, сечеа и во најжешкото сега кога најмногу може да се сече никаде ги нема“ вели Војдан Поповски.
Синоќа во 21 часот беше свикан и кризен штаб, со цел одредување на координатите на делување, поради големата брзина со која што се ширеше пожарот кој за еден час стигнал до врвот на ридот.
„Утрово уште од 5 часот и 30 минути се на терен, се делува ставен е под контрола пожарот и поради временските услови луѓето ќе останат овде“ вели градоначалникот Владимир Талески
Со машинерија бил направен пресек што помогнало пожарот да не се префрли преку патот. Упатија уште еднаш апел до граѓаните да пријавуваат доколку забележат сомнителни лица кои би биле потенцијални подметнувачи.
„Ние сме одговорни за овој дел овде и делуваме преку општинскиот кризен штаб, додека сите останати институции си имаат свои надлежности. За жал немаме некои резултати при откривање на сторители освен во случајот кога беа откриени три малолетни лица од ромска националност“ вели Талески
Овој пат гореше борова шума. „Учествуваа 150 гасначи од сите јавни претпријатија околу 8 часот е ставен под контрола изгоре 150 хектари борова шума“ вели Костадин Поповски командир на ППТЕ Битола.
Сомнежите се дека и овој пожар е подметнат. „Повеќе од сигурно е дека станува збор за подметнат пожар, ова е дело на дрвната мафија. Погледнете само колку стебла се изгорени па вие како новинари истражувачи направете анализа колкав е профитот па ќе дојдете до еден заклучок“ вели Поповски
За што може да се искористат опожарените стебла?
„Тоа е многу работа значи граѓа, пилевина, милевина итн.Кога ќе изгорат игличките на борот тогаш борот е мртов но стеблото е здраво“ вели командирот.
Според наводите од командирот на противпожарната единица во Битола и исказите на граѓаните кои имаат тука викенд куќи, сомнежите се префрлаат на комерцијализирање на сечата од опожарените стебла.
Одговор побаравме од Шумската полиција во Битола која делува на реонот Битола, Ресен Демир Хисар со околу 25 вработени. Командирот рече дека се на терен и дека не смеат да даваат изјави, додека пак од директорот на Македонски шуми, Митко Стојановски кој исто бил на терен во телефонски разговор, дознавме дека вработените вршат сеча со цел санација на опожарениот терен по налог на инспекторат, кој по изготвен записник од проценка на комисија од Скопје им дава обврска на Македонски шуми да го обезбедат теренот.
Сечата од опожарени стебла според директорот се продава по договор и процена на цена од страна на Комисијата која првично го санирала теренот од 2007ма па 2009та и сегашните пожари и сечата одела на продажба етапно.
За она што беа револтирани граѓаните, дека се врши сеча во време на забрана за движење низ шуми, од Македонски шуми велат дека, за нив, како службени лица не важи забраната бидејќи тие на документ имаат дозвола за активностите кои ги спроведувале за санација на теренот. Во моментов пожарот на магистралниот пат Битола- Ресен, бил под контрола, но временските услови не се поволни односно високите температури и ветер се закана пожарот повторно да ескалира и да се прошири. /крај/тера/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини
По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце, со реакција во јавноста се огласи и Јане Ченто.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома“, објави тој на социјалните мрежи.
„Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме.
И да, ми се гади од лицемерието.
Толку“, пишува тој.
Македонија
Левица за куќниот притвор за Груби: Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост
Политичката партија Левица реагира на одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“.
Според партијата, лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, што според нив претставува „најсилен можен доказ за ризик од бегство“, добило поблага мерка наместо засилување на притворот.
„Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Оттаму посочуваат дека јавноста добила две различни објаснувања во краток временски период. Првично било соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како и за секој друг притвореник, а потоа обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, вклучително и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.
Одговорноста за ваквата одлука, според Левица, е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која велат дека важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител.
Партијата потсетува дека Тополова-Исајловска во минатото барала пад на предметот „ТАЛИР“, кој се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, според нив, нејзините политички релации не биле пречка за нејзиното позиционирање.
Во соопштението се споменува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, за кого Левица наведува дека со преквалификација во завршна фаза овозможил застарување на случајот со малата Тамара.
„Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, наведуваат од Левица.
Партијата оценува дека наместо еднакви стандарди, се гледа „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.

