Македонија
Судот во Скопје ќе го чека Ел Масри да излезе од затвор
Во Основниот суд 2 во Скопје судскиот совет донесе одлука Калед Ел Масри кој ја тужи Македонија за тортура да го чека до март следната година за да го сослуша.
Во Основниот суд 2 во Скопје судскиот совет донесе одлука Калед Ел Масри кој ја тужи Македонија за тортура да го чека до март следната година за да го сослуша. Во судница Ел Масри треба да каже каде и како бил киднапиран од македонската полиција и да понуди доказен материјал за неговото тврдење. Во моментов Ел Масри е во затвор во Германија од каде треба да биде пуштен во февруари следната година.Инаку претставникот на тужената страна, односно на МВР, се противеше судот да го чека Ел Масри бидејќи во предметот имало доволно докази за да се донесе одлука. Сепак судскиот совет одлучи дека треба да се сослуша тужителот, бидејки тоа е по барање на неговиот адвокат и од него лично судот се огради од евентуална тужба во Стразбур во судот за човекови права за судење во неразумен рок оти случајот трае долго поради одлагање побарано од тужителот. До сега во судница беше сослушана истражителка од Лондон, која изминативе пет години работела на случајот на германскиот државјанин Калид ел Масри. Таа тврдеше дека собрала докази обезбедени од воздухопловни служби, од странски полициски истраги и извештаи, сведочења на затвореници и многу други информации што упатувале на веројатноста дека Ел Масри бил киднапиран. Калед Ел Масри бара 50 илјади евра отштета за тортурата во Македонија во граѓанската тужба против македонското МВР. Според негово тврдење, македонски полицајци го киднапирале на преминот Табановце, го држеле 23 дена во хотел во Скопје и потоа им го предале на агентите на ЦИА. Според тужбата агентите го транспортирале во Авганистан и таму го држеле речиси четири месеци. крај.км
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фатени со пари и список од врата до врата – двајца охриѓани пријавени за изборен поткуп
Полицијата од Охрид поднесе кривична пријава против Р.А.Д. (50) и Ј.С. (44) од овој град, поради сомнение за кривичното дело поткуп при избори и гласање.
Според полицијата, на 19 октомври, за време на локалните избори, двајцата биле затекнати како се движат од куќа до куќа со пари и список што содржел лични податоци и адреси на жители со избирачко право во Охрид. На евидентирани лица им нуделе и делеле парични средства, со намера да ги придобијат да гласаат во корист на кандидат за градоначалник на една политичка партија.
По целосно документирање на случајот, пријавата е поднесена до надлежен орган за понатамошна постапка.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Без ефикасна и чесна даночна администрација нема силна економија и одржливи јавни финансии
Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски на Денот на даночните работници.
Ова рече Мицкоски е ден кога треба да се говори за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста.
„Ден кога се потсетуваме дека јавните приходи не се бројки на хартија, тие се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин. Од јануари до крајот на октомври годинава, нето наплатата на даноците и социјалните придонеси достигна 3 милијарди и 600 милиони евра“.
Тоа, како што посочи е за 260 милиони евра повеќе од минатата година.
Според него тоа значи дека економијата расте.
„Активноста се зголемува. Компаниите работат. Платите растат. А со тоа растат и приходите.
Но, тие бројки зборуваат и за нешто друго, за довербата помеѓу државата и бизнисот. За довербата помеѓу институциите и граѓаните. За тоа дека кога државата работи чесно и предвидливо, граѓаните возвраќаат со дисциплина и чувство на обврска. Навременото поднесување на ДДВ-пријавите за јануари – септември периодот 2025 година изнесува 95%. Во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 92%, ова е огромен чекор напред и уште поважно:Навременото плаќање на ДДВ порасна на 81% од тоа што беше во претходните две години 76%. Ова е доказ дека системот станува посилен, подисциплиниран и поефикасен“.
Мицкоски дополни дека ниту еден напредок нема вистинска вредност ако не се брани од најголемата закана за секоја држава, корупцијата.
Во оваа борба, УЈП, додаде тој е клучна фронт-линија.
„Ви ветувам дека ќе продолжиме да инвестираме во вашиот капацитет, во подобри услови за работа, во дигитални алатки кои ќе го олеснат секој процес, и во политики кои ќе ја направат земјата уште поконкурентна.Нашата цел е многу јасна силна економија, стабилни јавни финансии, праведно општество и држава во која даночниот систем е фер, ефикасен и целосно заштитен од корупција.
Македонија
Фокус на менталното здравје на децата и младите на „Денови на психологијата“
Комората на психолози на Република Македонија и годинава ја организира акцијата „Денови на психологијата“, соопштија од Комората. Целта е афирмација на професијата, промоција на дејноста и улогата на психологот во општеството, како и доближување на психолошката поддршка до пошироката јавност.
Под слоганот „Грижа за менталното здравје на децата и младите – градење на здрава иднина“, овогодишното издание го става фокусот на растечката потреба за рано препознавање, зајакнување и поддршка на менталното здравје на најмладите.
Комората упати јавен повик до сите психолози да се пријават за учество во реализацијата на психолошки активности што ќе се одржуваат од 1 до 10 декември 2025 година.
Агендата за „Денови на психологијата 2025“ ќе биде достапна на официјалните страници Instagram: denovinapsihologija и Facebook: Денови на психологија, каде ќе се објавуваат датумите, термините и локациите на настаните, информации за онлајн вебинарите и извештаи од реализираните активности.

