Македонија
Опозицијата гледа евроскептицизам кај владата, власта во самата Европска Унија
Власта промовира евроскептицизам по објавувањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, рекоа пратениците од опозицијата на денешната расправа пред собраниската Комисија за европски прашања.
Власта промовира евроскептицизам по објавувањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, рекоа пратениците од опозицијата на денешната расправа пред собраниската Комисија за европски прашања.
Според нив, настапите на премиерот Никола Груевски се најдобар доказ дека евроскептицизмост се повеќе е присутен меѓу владините преставници, нарекувајќи го недозволива авантура.
„Се повеќе и повеќе не напушта добрата волја, позитивната енергија и ентузијазмот кој што ги имавме кон евроинтеграциските процеси и се повеќе се вгнездува евроскептицизмот меѓу владините преставници, а директно преку тоа и меѓу граѓаните на Република Македонија. Сметаме дека во овој период апсолутно недозволива авантура е такви изјави и таков пристап кон суштински прашања како што се европските интеграции на Република Македонија“, рече пратеникот Маринела Тушева од СДСМ.
„Мислам дека е беспредметно да разговараме за било каква тема, било какво поглавје или акционен план кога врвот на владата на Република Македонија, премиерот Никола Груевски со едно интервју покажува на каде ќе ја води Република Македонија во наредните години и какви се неговите замисли за нашата држава во наредните години“, рече Гордан Георгиев од СДСМ.
Од своја страна, власта смета дека проширувањето е непопуларна тема во самата Европска Унија. За пратеникот Антонио Милошоски, угледот на унијата е во заложништво поради противењето на Грција во однос на отворањето на пристапни преговори со Македонија.
„Сметам дека токму заради таквата нелагодност Европската Комисија некогаш е доведена во ситуација да го шири просторот на изговори и забелешки кои што можат да ја амортизираат таа нелагодност, односно да создадат некое порационално објаснување зошто веќе трета година по ред препораката на една сериозна институција, една извршна институција во Европската Унија, како што е Европската Комисија не може да се преточи во политичка одлука за отпочнување на преговорите за членство“, рече Милошоски.
„Европската перспектива е загрозена од неевропското однесување на една земја-членка на Европската Унија“, додаде тој.
Пратеникот Павле Трајанов, пак, побара конкретна стратегија во надворешната политика во однос на интеграцијата во НАТИ и во ЕУ, како и единствена стратегија во однос на надминувањето на спорот со името.
„Мислам дека таква стратегија недостасува 20 години. Нашите дипломати немаат инструкции што треба да прават во овој дел околу нашите евроинтеграциски процеси, околу процесот за добивање покана за влез во НАТО. Ако ги имаат тие се парцијални, дневнополитички, а не како стратегија. Во оваа насока мислам дека треба да има јасна, чиста стратегија за настапите почнувајќи од претседателот на државата, претседателот на владата, министрите за надворешни работи, за одбрана, но исто така треба да имаме јасна стратегија околу дипломатијата на парламентот“, рече Трајанов.
Вицепремиерот за европски прашања, Теута Арифи, пак, рече дека потребен е втор акционен план за задачите поставени од директорот на директоратот за проширување на ЕК, Стефано Санино, чиј рок на исполнување е мај 2012 година, како и годишен план за адресирање на забелешките од извештајот. Посочи дека се потребни тешки одлуки со цел напредок во евроинтеграциите.
„Треба да имаме сили и волја кај нас и во Атина за надминување на спорот со името кој се покажува како еден сериозен политички проблем кој ја држи картата на западен Балкан различна од тоа како што ние сакаме. Треба да го имаме предвид фактот дека од декември картата на западен Балкан во односите со Европската Унија ќе биде видно променета. Токму поради тоа мислам дека како земја треба да се мотивираме да ги носиме и тешките одлуки и големата работа во однос на реализација во однос на тоа што е наша заедничка цел, а тоа е членство во Европската Унија“, рече Арифи пред членовите на Комисијата за европски прашања. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ми се гади од лицемерието, Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор: Јане Ченто за правосудните аршини
По одлуката на надлежните институции, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби да биде ставен во куќен притвор со 24-часовен надзор, по неговото приведување на граничниот премин Блаце, со реакција во јавноста се огласи и Јане Ченто.
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома“, објави тој на социјалните мрежи.
„Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме.
И да, ми се гади од лицемерието.
Толку“, пишува тој.
Македонија
Левица за куќниот притвор за Груби: Наместо еднакви стандарди, гледаме селективна строгост
Политичката партија Левица реагира на одлуката за определување куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „прв конкретен резултат од кадровската политика на ДПМНЕ во обвинителството“.
Според партијата, лице кое 14 месеци било недостапно за органите на прогонот, што според нив претставува „најсилен можен доказ за ризик од бегство“, добило поблага мерка наместо засилување на притворот.
„Во правна држава, ваква околност води кон засилување на притворот, кај нас води кон негово олеснување“, наведуваат од Левица.
Оттаму посочуваат дека јавноста добила две различни објаснувања во краток временски период. Првично било соопштено дека нема поплаки за небезбедност и дека во притворот се гарантираат условите како и за секој друг притвореник, а потоа обвинителството се повикало на „индиции“ за загрозена безбедност како основ за замена на мерката со куќен притвор, вклучително и на наводна загрозеност на безбедноста на семејството.
Одговорноста за ваквата одлука, според Левица, е во системот што го раководи в.д. државниот јавен обвинител Анита Тополова-Исајловска, за која велат дека важи за фаворит на ДПМНЕ за иден републички јавен обвинител.
Партијата потсетува дека Тополова-Исајловска во минатото барала пад на предметот „ТАЛИР“, кој се однесува на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, според нив, нејзините политички релации не биле пречка за нејзиното позиционирање.
Во соопштението се споменува и новиот шеф на скопското јавно обвинителство Анел Фидоски, за кого Левица наведува дека со преквалификација во завршна фаза овозможил застарување на случајот со малата Тамара.
„Денешната одлука за куќен притвор се вклопува во истиот образец – флексибилност кога предметот е политички чувствителен“, наведуваат од Левица.
Партијата оценува дека наместо еднакви стандарди, се гледа „селективна строгост“, а наместо владеење на правото – управување со правдата според политички контекст.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.

