Македонија
Ивановски:Груевски јавно да каже дека не сака Македонија да влезе во ЕУ и НАТО
Никола Груевски треба да излезе и јавно да соопшти дека не сака Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО. Само така ќе може уште некое време да функционира преродбеничката криминална пералница на пари.
Никола Груевски треба да излезе и јавно да соопшти дека не сака Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО. Само така ќе може уште некое време да функционира преродбеничката криминална пералница на пари.
Ова денеска го изјави Игор Ивановски од СДСМ, при тоа додавајќи дека владина стратегија е упорно да шири евроскептицизам.
„Крупна лага е дека Европската Комисија ја менува реториката и наводно од инает го критикува Груевски во извештајот. На граѓаните не им треба некој друг однадвор да им кажува дека реформите назадуваат, дека македонската демократија се загрозува, дека нема слобода на изразување, дека медиумите и новинарите се под константен притисок, дека судството и администрацијата се брутално партизирани, дека царува корупцијата во владата. Тоа е реалноста со која граѓаните секојдневно се соочуваат“, рече Ивановски.
Тој го спореди премиерот Груевски со поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, додавајќи дека секојдневно го зголемува бројот на непријатели на Македонија по сите основи.
„Сите му се виновни. Меѓународните пријатели на државата, опозицијата, медиумите, новинарите, експертите, невладиниот сектор, буквално секој кој мисли поинаку од него, македонскиот премиер го смета за непријател со кој треба да се пресмета“, рече Ивановски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски со осуда откако некој ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје: „Се работи за изолиран случај“
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го осуди инцидентот во кој беше оштетена влезната врата на Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за изолиран случај и дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Муцунски изјави дека, според првичните информации, нанесената материјална штета не е голема, но дека инцидентот се осудува максимално. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи е надлежно за истрагата и дека таму треба да се побараат подетални информации.
Инцидентот се случил во неделата, кога, според информациите, непознат човек ја искршил влезната врата на амбасадата во центарот на Скопје. Настанот беше потврден со фотографии и видео објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го како напад врз дипломатската мисија.
„Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Како што соопштуваат од МВР, офицерот за безбедност на амбасадата преку системот за видео надзор забележал оштетување на стаклото на влезната врата од објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото и се оддалечило од местото.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.

