Македонија
Власта и опозицијата се „судрија“ за извештајот на ЕК
Во Собранието во тек е жестока дебата за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кој што се најде на дневен ред на денешната седница.
Во Собранието во тек е жестока дебата за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кој што се најде на дневен ред на денешната седница.
Пратеничката на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Радмила Шекеринска и порача на власта дека битката за терминот „македонски“ не треба да се води во нашите медиуми, туку во Брисел и Стразбур.
„Македонија седум години по ред не може да тргне подалеку од кандидатски статус, Македонија три години по ред добива извештаи во кои не се споменува македонскиот јазик, Македонија ги губи сите позиции во спорот и некој за таа лоша политика мора да понесе одговорност. Колеги пратеници, Собранието мора да каже дека ни треба кризен штаб, бидејќи Македонија влегува во криза која не е криза на евроинтерграциските процеси, туку може да прерасне во вистинска и економска, политичка и социјална криза“ рече Шекеринска.
Според неа, Владата нуди „политика ни име, ни членство“, бидејќи Македонија не е ниту членка на ЕУ и НАТО, а според Шекеринска, името на државата ретко каде се споменува.
„Нема да прифатиме лекции по патриотизам од влада која, кога сама организира конференции во Скопје и Охрид пишува ФИРОМ, не прифаќаме лекции по патриотизам од патриоти чии деца учат во странство и чии пари се во странски банки, не прифаќаме лекции по патриотизам, од премиер кој својата држава си ја нарече несакано дете“ вели Шекеринска.
Пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов смета дека Собранието треба да донесе резолуција со која ќе побара, Советот на Европската унија да ја стави на дневен ред Република Македонија и да определи датум за отпочнување на преговорите.
За поранешниот министер за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски единствен проблем поради кој што Македонија сè уште не ги отпочнала преговорите со ЕУ е блокадата од страна на Грција.
„Ние можеме колку што сакаме да бараме игла во сеното, но ние мора да сфатиме, а тоа го знае и македонската и дипломатската јавност дека единствената суштинска и досега постоечка причина зошто Македонија не ги отпочна преговорите за членство, е блокадата од страна на една земја членка. Таа блокада не е од 2009 или 2006, таа блокада ја чувствуваме од 1992 година наваму“ рече Милошоски.
За предлогот на Шекеринска за формирање на кризен штаб, Милошоски и порача ваков штаб да си формираат во Социјалдемократскиот сојуз.
„Ако ви треба кризен штаб формирајте си кризен штаб во СДСМ затоа што очигледно во вашата партија постојат превирања и порано или покасно ќе ви биде потребен“ рече Милошоски.
Европскиот извештај пристигна во Македонија на 12 октомври. Европската комисија ја повтори препораката за старт на пристапните преговори и констатираше мал напредок на земјава во изминатава година.
„Клучните предизвици остануваат: независноста на судството, реформите на јавната администрација, борбата против корупцијата. Слободата на медиумите останува сериозна грижа“ рече еврокомесарот за проширување Штефан Фуле.
Владата и македонската јавност остро реагираше поради неупотребата на придавката „македонски“ и во овој извештај на ЕК. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков:Дигитализацијата и човечките ресурси се клуч за ефикасно и независно судство
Зајакнувањето на ефикасноста и независноста на судството е еден од највисоките државни приоритети и предуслов за враќање на довербата на граѓаните во институциите, порача министерот за правда на конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија.
„Ова е критичен и одлучувачки момент за правосудниот систем. Мораме јасно и објективно да ја согледаме состојбата, затоа што само преку прецизна процена можеме да дојдеме до одржливи решенија“, истакна министерот за правда Игор Филков во своето обраќање.
Тој нагласи дека состојбите во правосудството се темелно анализирани и документирани во релевантни домашни и меѓународни документи, меѓу кои Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, Реформската агенда 2024–2027, Националната стратегија за спречување на корупција и извештаите на Европската комисија.
Посебен акцент беше ставен на Патоказот за спроведување на стратегијата за човечки ресурси за судската мрежа.
„Ова не е само теоретски документ, туку практичен и применлив водич кој нуди јасен и остварлив пат за справување со најитните предизвици во судството“, нагласи министерот.
Министерството за правда, во рамки на своите законски надлежности, во текот на 2024 и 2025 година утврдило алармантни состојби во правосудството, кои директно кореспондираат со идентификуваните слабости во Патоказот.
„Предложените мерки мора сериозно да се разгледаат и да се имплементираат, доколку навистина сакаме резултати што ќе бидат мерливи, видливи и одржливи. Реформите мора да обезбедат пополнување на работните места, модернизација на инфраструктурата, зајакнување на институционалниот интегритет и зголемување на довербата на јавноста преку транспарентност и високи етички стандарди. “, порача министерот Филков.
Како еден од клучните столбови на реформите беше истакната дигитализацијата на правосудството.
„Инвестициите во интегрирани системи за управување со предмети и целосно дигитални судски досиеја не се иднина – тие се сегашност и реална потреба“, рече министерот, додавајќи дека дигиталните алатки ќе овозможат поефикасна распределба на ресурсите и подобар пристап до правдата.
Во делот на законодавните активности, министерот информираше дека во изминатиот период се подготвени околу триесет закони со кои се спроведуваат системски реформи во правосудството.
Законот за Судскиот совет веќе е донесен, а Законот за јавното обвинителство наскоро се очекува да влезе во собраниска процедура. Подготвени се и други закони како дел од целосното ресетирање на правосудниот систем.
,,Наша обврска како Министерство за правда е да создадеме јасни и применливи закони кои ќе бидат инструмент за правда и правичност. Реформите во судството и унапредувањето на законската рамка не се брзи процеси кои се случуваат за еден ден. Тие не се лесни, но се неопходни. Продолжуваме посветено и заедно да работиме на системски решенија”,потенцира Филков.
Македонија
Европската интеграција останува стратешки приоритет, порача Сали на средбата со еврокомесарката Кос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска во Брисел оствари работна средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Средбата беше фокусирана на текот на процесот на европска интеграција на земјата, реформските приоритети и актуелните предизвици во рамки на европската агенда.
Во текот на разговорите, заменик-претседателот Сали повторно потврди дека членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на Владата, оценето како долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Тој нагласи дека создадениот позитивен моментум треба да се искористи преку тесна и континуирана соработка со европските институции, со цел конкретно унапредување на интегративниот процес.
Во својство на министер за европски прашања, главен преговарач, национален координатор за Инструментот за реформи и раст (RGF), како и НИПАК, Сали ја истакна посветеноста за одржување на фокусот на државната администрација на реформите поврзани со ЕУ и за обезбедување континуитет на реформското темпо, во согласност со европските стандарди и најдобрите практики.
Во овој контекст, се разменија мислења за спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, како и за други актуелни прашања од заеднички интерес, при што беше потенцирана важноста од континуирана координација и конструктивен дијалог со институциите на Европската Унија.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска: Секое дете мора да се чувствува безбедно во училиште
Денес во Општина Кисела Вода беше потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево и Обединета Македонска Дијаспора – Подружница Македонија, со кој официјално се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.
Со оваа соработка започнува имплементацијата на проектот „STAR FOR LIFE“. Проектот предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата – булингот и врсничкото насилство, информираат од општината.
Градоначалничката заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединета Македонска Дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето, Елена Симоновска, дискутираа околу програмата, која има за цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.
-Со потпишувањето на овој меморандум воспоставуваме конкретна и значајна соработка која директно ќе им користи на нашите ученици и наставници. Преку проектот ‘STAR FOR LIFE’ обезбедуваме едукација, навремено препознавање и соодветно реагирање на булингот и врсничкото насилство. Наш приоритет е секое дете да учи и расте во безбедна средина, во која ќе се чувствува прифатено и поддржано. Општина Кисела Вода останува посветена на превентивни мерки и партнерства од ваков тип, затоа што веруваме дека само со заедничка работа можеме да спречиме несакани последици. Ова е инвестиција во иднината на нашите млади- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

