Македонија
Неспомнувањето на „македонски“ не изостана од дебатата на Мешовитиот комитет
Изоставувањето на придавката „македонски“ од последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија ќе биде дел од заклучоците на 9-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – ЕУ, кој попладнево започна во Скопје.
Изоставувањето на придавката „македонски“ од последниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија ќе биде дел од заклучоците на 9-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – ЕУ, кој попладнево започна во Скопје.Членовите на комитетот од македонска страна не пропуштија да го изразат ставот дека изоставувањето на придавката е неприфатливо.„Пречи изоставувањето на именувањето на македонскиот јазик во извештајот и тоа е нешто што, се надевам и со помош на овој Мешовит комитет помеѓу Република Македонија и Европската Унија ќе биде надминато, бидејќи, ако е тоа некаква форма на притисок, избрана е погрешна форма на притисок, бидејќи тоа е нешто што задира длабоко во супстратот на македонскиот народ“, рече Андреј Петров, заменик копретседавач со комитетот од македонска страна. Цитирајќи ги неодамна усвоените заклучоци на Собранието по однос на извештајот, копретседавачот на комитетот од македонска страна, Кенан Хасипи рече дека се изразува жалење за отсуството на придавката „македонски“. Исто така, изрази очекување за конструктивност од грчка страна со цел надминување на спорот со името и деблокада на македонската интеграција во унијата.„Република Македонија очекува дека грчката страна, исто така, активно и конструктивно ќе придонесе во разговорите што се одвиваат под покровителство на Обединетите нации, со цел да се постигне, без понатамошно одлагање, взаемно прифатливо решение кое нема да им наштети на националната, јазичната, и културната идентификација ниту на македонскиот, ниту на грчкиот народ“, рече Хасипи.На ова, копретседавачот од европска страна, Јорго Шацимаркакис рече дека ќе се работи на заедничко решение во однос на употребата на придавката. Посочи дека е нотирано незадоволството што таквиот потег го предизвика.„Отсуството на придавката „македонски“ во извештајот ја нотиравме. Дел од Мешовитиот комитет разговараше за тоа. Имаме на знаење дека тоа е предизвикува реакција и е неприфатливо. Разговаравме за тоа како може да се изнајде добро решение, бидејќи увидовме дека со тоа се предизвика реакција на атмосферата овде и не сакаме да се наштети на имиџот на Европската Унија“, рече Шацимаркакис. Посочи дека по реакциите за извештајот во земјата, унијата ќе работи на задржување на добриот имиџ и високата поддршка што ја има кај граѓаните. „Утрово членовите на Европскиот Парламент имаа добра дискусија со нашите амбасадори и сфативме дека времињата се тешки, особено перцепцијата за Извештајот за напредокот претставен пред извесно време не беше така позитивна како што се надевавме. Овде сме да ви кажеме дека нема друга земја во Европа, вклучително и ЕУ што има толку високо ја цени ЕУ. Речиси 90 отсто од граѓаните тука сакаат да бидат во ЕУ, ја прифаќаат унијата. Тоа е повисоко од многу земји-членки на ЕУ и нема да го ризикуваме тоа. Тука сме да го направиме сосема спротивното – да работиме на подобра соработка“, рече Шацимаркакис. Германскиот европратеник, кој заедно со членовите на делегацијата денеска имаше средба со премиерот Никола Груевски, изрази импресионираност од реформите што ќе се превземат во однос на јавната администрација.„Премиерот денеска во една долга дискусија ни кажа за новите аспекти, за новите реформи кои што се воведуваат на административно ниво, во името на целата делегација од Европскиот Парламент можам да кажам дека бевме импресионира колку беше детален и транспарентен премиерот Груевски во поглед на плановите за промена и тоа да се заснова на интероперабилноста на власта“, рече Шацимаркакис.Во дискусијата не беше одминат и неодамнешниот инцидент што Шацимаркакис го имаше со неколку македонски новинари во Брисел.„Треба да се избегнуваат оние настани како она што можевме да го видиме во Брисел, без разлика што тие новинари таму се и мои критичари и критичари на неговите колеги. Односот спрема било кој граѓанин на Република Македонија треба да биде на едно ниво на заедницата кон која се стремиме“, рече пратеникот Андреј Петров.На ова, германскиот европратеник рече дека целата ситуација ќе ја објасни на денешната вечера што ќе ја имаат членовите на комитетот.Предвидено е 9-от состанок на мешовитиот комитет да финишира утре, со усвојување на заеднички заклучоци во врска со интеграцијата на Македонија во униајта. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

