Македонија
Спортисти и уметници ќе испратат „Манифест на македониумот“ до Филе
Група македонски уметници и спортисти реагира на неупотребата на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Група македонски уметници и спортисти реагира на неупотребата на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Лично на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе ќе му достават „Манифест на македониумот“, односно апел, како што велат, за сопирање на негирањето и премолчувањето на македонското име, македонскиот јазик и македонската култура.
„Еден познат европски филозоф тврди дека човек не се раѓа во гинеколошко-акушерска клиника. Човекот се раѓа во својот јазик, вели големиот мислител Петер Слотејдирк. Ако е така, тогаш оние кои во своите извештаи со гумичка ни ја бришат придавката „македонски“ што стои крај нашиот јазик, ни го бришат раѓањето. Тие го оспоруваат својот сопствен филозоф“ се вели во дел од Манифестот.
„Ние не говориме дали извештајот на комисијата е позитивен или негативен, и да е негативен вие мора да го ословите оној кој што го критикувате и му упатувате негативна забелешка. Ние реагираме на тоа што е испуштено името. Нема поголемо понижување од испуштање на името. Ние реагираме на таа ситуација, не барајте други политички импликации, затоа што ние не сме никаква организација“ вели писателот и универзитетски професор, Венко Андоновски.
Тој ги повика сите нивни колеги да им се придружат во потпишувањето на овој манифест, во Дом на АРМ, салата „Борис Трајковски“ и Друштвото на писатели на Македонија.
Иницијативата за ваквиот Манифест доаѓа од селекторот на Македонската репрезентација Марин Докузовски, кој заедно со кошаркарите ја издигна Македонија на високото четврто место во Европа.
„На европското првенство во Литванија не само што направивме голем резултат, туку направивме и повеќе од тоа, илјадници пати се спомна името Македонија. Бевме горди што сме Македонци, сите гледаа во нас со голема почит и сега кога дојдовме тука кога се случи тоа негирање ми беше некако неприфатливо, малку разочарувачки за мене, мислев дека треба да реагираме“ рече Докузовски.
„Со години наназад се докажало дека требало нешто сто пати да ни се случи за да го кренеме гласот. И овој мирољубив народ токму поради тоа не го заслужува овој момент. Од друга страна овој момент на некаков начин ме радува, бидејќи мора да сме многу вредни и мора да е вредно ова мало парче земја на кое постоиме, штом толку многу се полемизира и се тепаат за нас. Нема да дозволиме да не уништат, ако молчиме одобруваме, а ако не молчиме тогаш значи дека постоиме“ изјави Калиопи Букле.
Потписници на манифестот, освен овие тројца спортисти и уметници, се и пијанистот Симон Трпчевски, пејачката Есма Реџепова, режисерот Дарко Митревски, оперскиот пејач Борис Трајанов, писателот Гоце Смилевски и ракометарката Индира Кастратовиќ. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

