Македонија
Македонски бизнис-форум и концерт во Вашингтон
Машинскиот и автомобилскиот, информатичкиот, здравствениот, земјоделскиот, текстилниот и туристичкиот се клучни сектори за странските инвестиции во Македонија, рече министерот за странски инвестиции Бил Павлески на синоќешниот бизнис-форум во Вашингтон, во организација на македонската амбасада.
Машинскиот и автомобилскиот, информатичкиот, здравствениот, земјоделскиот, текстилниот и туристичкиот се клучни сектори за странските инвестиции во Македонија, рече министерот за странски инвестиции Бил Павлески на синоќешниот бизнис-форум во Вашингтон, во организација на македонската амбасада. „Се надеваме дека Европа нема да падне во рецесија. Во овој мандат во следните 4 години, очекуваме позначајни инвестиции отколку во претходниот период, затоа што подолг период сме присутни на сцената за привлекување странски инвестиции“, кажа министерот на собирот во Меѓународниот трговски центар, јавуа Гласот на Америка на македонски. Павлески не гледа дека спорот со името ги одвраќа странските инвеститори: „Од разговори со потенцијални странски инвеститори, никој досега не ми спомнал дека не доаѓа во Македонија заради технички проблеми со името. Бизнисот и спорот со името немаат директна корелација. Бизнисмените главно се заинтересирани за условите кои Македонија ги нуди за инвестирање“, смета владиниот човек задолжен за странски инвестиции. Директорот на центарот за меѓународна трговија и економија во фондацијата „Херитиџ“ Тери Милер на форумот за Гласот на Америка на македонски ги интерпретираше податоците на својата организација за учинокот на Македонија: „Македонија има извонреден извештај за економскиот напредок. Во нашите истражувања за економските слободи во земјите ширум светот пронајдовме дека Македонија има една од најдобрите политики за промовирање на реформи што ќе помогне на бизнисите да инвестираат во земјата, да отворат работни места и да заработат“, наведува овој аналитичар. По завршувањето на бизнис форумот, во концертната сала „Роналд Реган“ се одржа концерт по повод 20 годишнината од независноста на Македонија и во знак на благодарност од македонскиот до американскиот народ, под водство на маестро Борис Трајанов. Освен традиционалните композиции, Бобан Мирковски на пијано, Венко Серафимов на гитара и Александар Икономов на бас го претставија и современиот македонски звук./крај/јб/воа/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

