Македонија
Скопје на чело по бројот на инциденти на спортски натпревари
Вкупно 101 инцидент се случиле на спортски натпревари во Македонија во текот на годинава, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Вкупно 101 инцидент се случиле на спортски натпревари во Македонија во текот на годинава, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Најголем број нарушувања – 78 се регистрирани за време на фудбалски натпревари, 19 на кошаркарски натпревари, два на ракометни натпревари, а по еден случај се случиле за време на одбојкарски натпревар и боксерски меч.
Најмногу инциденти на спортски натпревари се регистрирани на подрачје на Секторите за внатрешни работи Скопје – 47, потоа следат Битола – 13, Тетово – девет, Струмица – осум, Охрид и Велес – по седум и по пет на подрачјaта на СВР Штип и СВР Куманово.
Нарушувањето на јавниот ред и мир во 50 случаи е предизвикано со физичка пресметка помеѓу учесниците на спортските натпревари, а во 34 случаи е извршено се фрлање тврди предмети и пиротехнички средства во натпреварувачкиот простор.
При ваквото насилничко однесување повредени се 41 лице од кои најмногу, 12 се судии, 11 се полициски службеници, 10 навивачи, пет играчи, двајца патници и едно лице од редарската служба, а притоа биле оштетени девет патнички возила, како и прозорски стакла на еден објект.
Исходот од инцидентите се четири кривични пријави против 15 сторители за сторени шест кривични дела и тоа: три дела – „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и по едно кривично дело – „тешка телесна повреда“, „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ и „загрозување на сигурноста“, како и еден посебен извештај против непознат сторител за сторено едно кривично дело – „насилство“.
Исто така, поднесени се и 69 прекршочни пријави против 104 физички лица за сторени 64 прекршоци според Законот за спречување на насилство и недолично однесување на спортски натпревари и девет од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и против 18 правни лица и осум одговорни лица за сторени 25 прекршоци.
Во анализираниот период, на подрачјето на државата, за време на одржување на спортски натпревари не се регистрирани случаи на палење на државното знаме на Република Македонија, ниту знамиња на други држави, но се регистрирани пет случаи во кои членови на навивачки групи истакнувале транспаренти и пееле песни со навредлива содржина на меѓунационална основа.
Ваквите инциденти се регистрирани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Скопје, Охрид, Тетово и Штип, при одржување на четири фудбалски и еден кошаркарски натпревар.
Во случајот на кошаркарскиот натпревар помеѓу екипите на „МЗТ“ и „Лирија“ од Скопје, поради недолично навивање на домашната навивачката група “ФЕМИЛИ“ и извикување националистички пароли, по барање на делегатот и судијата, тој е прекинат.
Полицијата во својата евиденција го има регистрирано и фудбалскиот натпревар меѓу ,,Шкендија“ од Тетово и ,,Партизан“ од Белград, кога членови на навивачките групи „БАЛИСТИ“ и ,,ШВЕРЦЕРИ“ пееле песни со навредлива содржина за македонското и српското население, а навивачите од групата ,,БАЛИСТИ“истакнале пароли и слики напишани на албански јазик со непристојна и навредлива содржина на меѓунационална основа.
На подрачје на СВР Охрид, при одржување на фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на „Охрид Лоте“ од Охрид и „Шкендија“ од Тетово, 21-годишно лице, инаку водач на навивачката група „БАЛИСТИ„ во текот на натпреварот пеел песни со навредлива содржина.
На подрачје на СВР Штип, за време на фудбалски натпревар помеѓу екипите на „Брегалница“ од Штип и „Шкендија“ од Тетово, 36-годишен навивач на навивачката група „ФАЛАНГА“ во повеќе наврати упатувал вулгарни зборови за националната и верската припадност на гостинската навивачка група.
На подрачјето на СВР Тетово, при одржување на фудбалски натпревар помеѓу екипите на „Шкендија“и „Тетекс“ од Тетово, членовите на навивачките групи „БАЛИСТИ“ и „ВОЈВОДИ“, за време на натпреварот меѓусебно си упатувале навреди и закани на меѓунационална и верска основа. На овој натпревар дојде до поголемо нарушување на јавниот ред и мир, при што беа повредени тројца полициски службеници и беше оштетено едно патничко возило. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Нема откажувања, ги повикувам граѓаните на 8 мај да излезат масовно и да дадат поддршка за Пендаровски и СДСМ
Со исправена глава, поставени на вистински европски пат кој е единствена опција за суштинска промена во нашата држава. Во тоа име ве повикувам масовно, ги повикувам сите граѓани на Македонија масовно да излезат на избори, на 8 мај и својот глас да го дадат за нашиот претседател Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за европска иднина, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на митинг на коалицијата за европска иднина во Чучер Сандево.
-Сакам да ве поттикнам да разговарате со секој ваш пријател, роднина, сосед, до 8 мај, да кажете дека ДА, разбравме каде сме грешеле, дека имаме јасна програма и план како сето тоа да го поправиме и исто така да кажете дека ние сме таа партија која ги обезбеди сите овие прогресивни работи за државата и кои ја ослободија државата од канџите на само една политичка партија која имаше се во свои раце во цела една декада. Ве повикувам никогаш да не се откажете во она што веруваме и да се бориме да успееме за се она што сме го напишале во програмата да стане реалност и државата да стане многу подобра од она што е денес, рече Ковачевски.
Јас заедно со моите другари како денес, со Санела, Сузана, Оливер, Фатмир ќе бидеме секој ден меѓу граѓаните. Во секој град, секое село, секоја куќа, со секој граѓанин, додаде Ковачевски.
-Ве повикувам и вас, да ни се придружите и заедно да ја пренесеме пораката за напредна држава, пораката за држава која напредува, за држава во која сите се почитуваат и пораката за држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината и од борбата за напредна и прогресивна Македонија, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Мицкоски: Разликата по вчерашниот изборен ден е цунамито кое се крева, народот се излеа и тој бран на промени ќе ја порази оваа власт
Над 180 илјади разлика е доволен показател за само едно, народот е на нозе и народот се крена против оваа власт, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.
„Оние кои што се удираа во гради дека ќе сме се сокриеле после изборниот ден, јас денес не ги гледам. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски разликата по вчерашниот изборен ден е толку изразена, што е поголема од вкупниот број на гласови на Пендаровски освоен на изборите.
„Ова е цунамито кое се крева и кое ќе се удри од главата на оваа власт. Народот се излеа и тоа незадоволство и тој бран на промени ќе ги порази. Сакам да предупредам дека работата не е воопшто завршена. Потребно е жолтиот картон да стане црвен. На 8 мај потребно е масовно да се излезе и да се гласа за промени“, вели Мицкоски.
Мицкоски укажа дека е многу важно разликата да биде уште поголема.
„Затоа што добивам информации за црни сценарија кои се коваат во противничките штабови и да им кажам колку и тие да планираат такви сценарија, народот уште пожестоко ќе ги казни. Излезот власта го гледа во две работи. И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите“, кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза, за сметка на пропаста и назадувањето на државата.
„Тоа нема да го дозволам. И затоа одговорот е масовна излезност на 8 мај“, порача Мицкоски кој заклучи: „да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации“.