Македонија
Македонија ќе го усогласува законодавството за медиумски услуги со европското
Македонија има обврска да го усогласи своето законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, со стандардите на Советот на Европа, како и со препораките на Европската Комисија, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Македонија има обврска да го усогласи своето законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, со стандардите на Советот на Европа, како и со препораките на Европската Комисија, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната јавна презентација на потребите за неговото усогласување.
Со законското усогласување, ќе треба да се регулираат телевизијата, радиото, обезбедувањето на услуги по барање, издавањето на печат и издавањето на електронски интернет публикации. Дополнително, би се опфатила и регулацијата за дистрибуција на програмски пакети преку комуникациски мрежи и дистрибуцијата на печат.
„Сакам да демантирам дека Министерство за транспорт и врски има готов текст на закон за медиуми и дека денеска ќе биде презентиран закон за медиуми. Не, денеска само се презентира потребата од изменување на регулативата“, рече Јанакиески.
„Нашата крајна цел е Република Македонија во идниот извештај на Европската Комисија да има помалку или воопшто да нема забелешки во делот на аудио-визуелната политика, во делот на медиумите, но исто така, да ја подобриме климата и работата на медиумите во нашата земја“, објасни Јанакиески.
Со прилагодувањето на законодавството, би се регулирал програмскиот концепт на медиумот, а ќе се бара правата и обврските на уредниците и новинарите да се уредуваат со статут внатре во медиумот.
Потребно е, според министерството, да се обезбеди новинар да може да изнесе свој став без последици по работното место, како и да биде во можност да одбие да учествува во новинарски прилог чија содржина е против правилата на новинарската професија.
Со законските измени ќе се предвиди гарантирање на правото на исправка и одговор, одговорноста за нејзино објавување, како и одговорноста во случај на необјавување.
Издавачите на печат ќе подлежат на т.н. мека регулација, односно ќе имаат обврска да се регистрираат, без право да бидат одбиени при регистрацијата. Обврска за регистрација ќе имаат и дистрибутерите за печат.
„Ние својата домашна задача во голем дел ја сработивме. Значи сите оние измени коишто се однесуваат до сегментите околу рекламирање, телешопинг, спонзорство, продукт плејсмент, заштита на малолетници веќе ги вметнавме како амандмани, како измени и ќе бидат на јавна расправа, додека за сето другото треба да се праша носителот на оваа активност“, изјави Зоран Стефаноски, претседател на Советот за радиодифузија.
„Ако сакаат да ја имаат нашата поддршка, ќе треба да не вклучат во работната група заедно да ја утврдиме потребата и после ќе одиме на јавна дебата. Неможе ние да се соочиме со готов текст. Ние би прифатиле таков разговор, меѓутоа да внатре во процесот и ние да учествуваме во креирање на концептот. Ако не ни се даде таа можност, нема зошто ние да учествуваме“, изјави Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.
Со прилагодувањето на законодавството, ќе се уредува и позицијата на Македонската радио-телевизија како јавен радиодифузен сервис, без да се доведе во прашање континуитетот на нејзината работа.
Дополнување и допрецизирање ќе има и во делот на одредбите што се однесуваат на регулаторното тело надлежно за медиумските услуги, без да се доведе во прашање работата на постојниот Совет за радиодифузија.
Со усогласувањето на законодавството, би се предвиделе и високи казни за прекршување на одредбите од законот, согласно праксата во Европската Унија.
Според првичната временска рамка, евентуалниот предлог-текст на законот би се дискутирал на јавна расправа во јануари, додека текстот до владата би бил доставен во април. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

