Македонија
Попоски и Арифи на Осмиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација
Шефот на дипломатијата Никола Попоски и вицепремиерот за европски прашања, Теута Арифи, денеска во Брисел ќе учествуваат на осмиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија.
Шефот на дипломатијата Никола Попоски и вицепремиерот за европски прашања, Теута Арифи, денеска во Брисел ќе учествуваат на осмиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската унија.Од страната на Европската унија, во име на Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедносни прашања, делегацијата ќе ја предводи данскиот министер за надворешни работи, Вили Совндал, во својство на ко-претседавач со Советот за стабилизација и асоцијација. На средбата ќе учествува и комесарот за проширување Штефан Фуле, како и извршниот директор на Европската служба за надворешна акција, Мирослав Лајчак. Советот за стабилизација и асоцијација ќе разговара за билатералните односи помеѓу Македонија и ЕУ во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација, за исполнувањето на политичките и економски критериуми, хармонизацијата со правото на ЕУ, финансиската соработка и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Делегациите ќе разменат мислења и за состојбите во регионот Западен Балкан и други меѓународни прашања од заеднички интерес за двете страни. Советот за Советот за стабилизација и асоцијација, како највисока форма на институционална соработка меѓу двете страни, заседава на годишна основа, на ниво на министри за надворешни работи. За време на работниот престој во Брисел, министерот Попоски ќе оствари и повеќе средби со претставници на Европската Комисија, Европската служба за надворешна акција и Европскиот парламент. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во мусаката од првата смена пронајдени бактерии, истите откриени и на чешмите во училиштето „Димо Хаџи Димов“
По стомачните тегоби кај десетици ученици во „Димо Хаџи Димов“, инспекциите утврдија нехигиена на чешмите во училниците и кујната. На Клиниката за детски болести моментално се лекуваат седум деца.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека во примерок од мусаката која се служела во првата смена биле пронајдени грам-негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae. Исти бактерии, кои се индикатор на фекална контаминација, и предизвикуваат дијареа, повраќање, болки во стомакот, се откриени и на три чешми во училиштето – две во училниците и една во кујната.
„Од девет земени површини, три се позитивни – чешмите во две одделенија и една од кујната. Најдени се бактерии од групата Enterobacteriaceae. Овие бактерии даваат ваква клиничка слика каква што имаат веќе заболените, и укажуваат на нехигиена. Донесени се материјали за две деца од фецес, е едно е позитивно на норовирус – вирус кој се пренесува многу лесно и долго време живее на работните површини, како што се маси, столчиња. Брисевите од грло и нос од пет деца во текот на вчерапниот ден се негативни за ковид, а се чекаат резултати за други вируси“, изјави директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.
Од Институтот додаваат дека бројот на примероци и материјали е голем и дека анализите се во тек. ИЈЗ е во постојана координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за детски болести.
Случајот започна на 26 ноември, кога околу 40 ученици се пожалија на стомачни болки. ЈП „Водовод и канализација“ претходно информираше дека водата во училиштето е санитарно исправна по направените физичко-хемиски и микробиолошки анализи.
Во меѓувреме, инспектори од АХВ спроведоа вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош, кои се снабдуваат од истиот оператор со храна, кој го стопанисува и централниот магацин во „Димо Хаџи Димов“.
Македонија
(Видео) Не тргнувајте кон Бит Пазар и Чаир: прославата на албанското знаме направи хаос во сообраќајот
Поради прославата на Денот на албанското знаме, сообраќајот во Чаир попладнево е силно отежнат, а делови од улиците кон Бит Пазар речиси се непроодни. Според граѓани кои се затекнале во областа, движењето е овозможено само во лентата резервирана за дефилето, додека останатите ленти и околни улици се блокирани со возила, што предизвикува застои и невозможност за движење.
Колоните што се движат со полициска придружба тргнуваат од пред Општина Чаир кон плоштадот Скендер-бег.
Денес, Денот на албанското знаме се одбележува во Албанија, како и меѓу Албанците во регионот и дијаспората. Празникот се слави како симбол на културна самосвест и национална припадност, со официјални манифестации.
Македонија
Жителите на Општина Кисела Вода добиваат 30 контејнери за текстилен отпад
Tриесет контејнери за текстилен отпад ќе бидат поставени на различни локации низ oпштина Кисела Вода, со што на граѓаните ќе им се овозможи правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување во процесите на селектирање и рециклирање.
Ова е овозможено со денешното потпишување на договорот меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје. Со воспоставената соработка се создава јасно дефиниран и одржлив систем за соодветно постапување со текстилен отпад, негово собирање, селектирање и рециклирање, во согласност со важечкото законодавство и највисоките еколошки стандарди.
Проектот ќе се реализира во две фази. Во првата фаза, контејнерите ќе бидат поставени на 15 локации, пред месните заедници во општината, со цел тие да бидат лесно и рамномерно достапни за сите граѓани. Во втората фаза, дополнителни 15 контејнери ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки, со што иницијативата ќе добие изразена едукативна димензија, насочена кон развивање на еколошката свест кај најмладите и поттикнување одговорни навики уште од најрана возраст.
-Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите иницијативи испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Изразувам искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и за посветеноста со која придонесуваат кон почиста и поздрава околина- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје е регистриран колективен постапувач за управување со отпаден текстил, согласно Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Компанијата поседува значајно искуство во оваа област и претставува сигурен партнер во процесот на унапредување на системите за заштита на животната средина. Само во текот на 2024 година, истата има собрано околу 400 тони текстилен отпад на територијата на државата. Овој резултат е јасен показател за ефектите од систематското управување со текстилен отпад и за потребата од заедничко дејствување на институциите, компаниите и граѓаните во насока на одржлив развој и заштита на животната средина.

